Среда, 25 ноември 2026 среда, 25 ноември Струга 8°C Струга 8°C Пријави вест
Македонија

Мицкоски од Брисел: Очекуваме дополнителни 75 милиони евра од ЕУ и укинување на роамингот

Објавено: · 2 мин читање
Фото: TV21 - Македонија
Фото: TV21 - Македонија

Премиерот Христијан Мицкоски очекува Европската комисија да го препознае напредокот на Македонија во спроведувањето на Реформската агенда и да обезбеди дополнителни 75 милиони евра во рамки на Планот за раст за Западен Балкан. Тој најави и дека македонските граѓани наскоро би можеле да ги користат телекомуникациските услуги во земјите од ЕУ без дополнителни трошоци за роаминг.

При пристигнувањето на Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел, Мицкоски истакна дека Владата континуирано ги исполнува реформските обврски, нагласувајќи дека билатералните прашања не се дел од Реформската агенда.

„Ние не испорачуваме билатерални прашања, но сè што се однесува на системот заснован на заслуги го испорачуваме. Денеска очекувам дека сето тоа ќе биде препознаено од Европската комисија“, рече Мицкоски.

Дополнителните 75 милиони евра претставуваат зголемување од десет проценти на веќе предвидените 750 милиони евра од Планот за раст, при што земјата ќе треба да исполни и дополнителни обврски.

Во однос на укинувањето на роамингот, премиерот посочи дека Македонија е првата земја од регионот што го завршила формалниот технички дел за приклучување кон европскиот модел „Roam Like at Home“.

Мицкоски останува на ставот дека нема да има промена на владината позиција во однос на уставните измени. Според него, приоритет треба да биде постигнувањето договор за Акцискиот план за малцинствата, за кој Владата веќе доставила предлог.

Премиерот порача и дека Европската Унија не треба да го потценува потенцијалот на Западен Балкан, чии граѓани предолго чекаат на членство.

„Западен Балкан е врата на Европа и е дел од Европа. Нашите граѓани се навистина фрустрирани поради тоа што предолго чекаат во нејзиниот двор. Конечно, сакаме да го заслужиме своето место на заедничката маса, врз основа на пристапот заснован на заслуги“, истакна Мицкоски.

Во фокусот на денешниот самит во Брисел се забрзувањето на процесот на проширување, спроведувањето на реформите, постепената интеграција на регионот во единствениот европски пазар, како и зајакнувањето на политичката и безбедносната соработка.