Секој втор возрасен граѓанин во Северна Македонија е пушач, а доколку се земат предвид и електронските цигари и производите со загревање на тутун, процентот достигнува 54 отсто. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на организацијата „Аналитика“, спроведено на 1.065 граѓани, според кое пушењето и бројот на дневно консумирани цигари бележат раст во споредба со 2020 година.
Истражувањето покажува дека повеќе од една четвртина од пушачите консумираат над 20 цигари дневно, додека околу 40 проценти пушат од 10 до 20 цигари. Просечно, еден пушач месечно троши околу 4.800 денари за цигари.
Претставникот на Светската здравствена организација во земјава, Аким Али, предупреди дека пушењето предизвикува сериозни заболувања, меѓу кои рак, срцеви и респираторни заболувања. Тој истакна дека економските штети од пушењето се многу поголеми од приходите што државата ги остварува од даноците на тутунските производи.
Според него, државата треба да ги зголеми акцизите и цените на цигарите, да ги заштити граѓаните од тутунскиот чад и да обезбеди стручна помош за оние кои сакаат да се откажат од пушењето.
Во меѓувреме, истражувањето покажува дека само 10 проценти од пушачите се обиделе да ја прекинат оваа навика. Како главна причина поради која би се откажале од цигарите, 47 проценти од испитаниците ја навеле нивната цена, додека 36 проценти посочиле дека тоа би го направиле по совет од лекар.
Економистот Борче Треновски нагласи дека пушењето претставува и голем финансиски товар за семејствата. Според неговите процени, директните и индиректните годишни трошоци поврзани со пушењето достигнуваат околу 600 милиони евра.
Тој посочи дека зголемувањето на акцизите би можело да донесе дополнителни 100 до 110 милиони евра годишно во државниот буџет.
Треновски оценува дека повисоките цени на цигарите можат да придонесат за намалување на бројот на пушачи и да спречат илјадници млади да започнат со консумирање тутунски производи.





