Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ најавува три мерки насочени кон младите. Тие предвидуваат најмалку 10 проценти од станбената површина во новите станбени објекти да биде наменета за млади брачни парови до 35 години, по цени најмалку 20 проценти пониски од пазарните; целосно ослободување од комунални такси за младите парови кои ќе градат сопствена куќа, како и воведување студентска картичка со попусти од најмалку 20 проценти за производи и услуги.
Како што соопштуваат од партијата, мерките имаат цел да ги подобрат условите за живот на младите, да го олеснат решавањето на станбеното прашање и да ја зголемат финансиската поддршка за студентите.
Првата мерка предвидува најмалку 10 проценти од станбената површина во новите станбени објекти да биде наменета за млади брачни парови до 35-годишна возраст, по цени најмалку 20 проценти пониски од пазарните. Оваа обврска ќе биде регулирана со закон, а градежните компании ќе треба да ја исполнат за да добијат градежна дозвола.
Втората мерка предвидува целосно ослободување од комунални такси за младите брачни парови до 35 години кои ќе одлучат да изградат сопствена куќа. И оваа мерка ќе биде законски регулирана и ќе важи на целата територија на државата.
Третата мерка е наменета за студентите и предвидува воведување студентска картичка во рамки на апликацијата М-Услуги. Преку неа студентите ќе добиваат попусти од најмалку 20 проценти за студентскиот оброк, но и за низа други производи и услуги.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека со новиот модел поддршката за студентите нема да се ограничи само на усогласување на студентскиот оброк со инфлацијата и трошоците за живот, туку ќе биде проширена со дополнителни поволности за намалување на секојдневните трошоци.
„Овие три мерки се дел од определбата на ВМРО-ДПМНЕ да понуди конкретни решенија за реалните потреби на младите, наместо политиката да се сведе на празни ветувања и декларативна поддршка. Нашата цел е младите да имаат услови да создаваат семејства, да обезбедат сопствен дом, да се образуваат и да ја градат својата иднина во Македонија“, се наведува во партиското соопштение.




