ОВР Дебар поднесе кривична пријава против шест лица поради сомнение за злоупотреби поврзани со издавање дозволи за сеча и транспорт на дрва во Јавното претпријатие „Национални шуми“ – Шумско стопанство „Стогово“ во Дебар.
Меѓу пријавените е 57-годишен жител на Вевчани, кој ја извршува функцијата директор на шумското стопанство, како и двајца вработени на возраст од 64 и 59 години од дебарското село Џепиште, кои работеле како референти за испорака на огревни дрва. Пријавена е и 47-годишна жена од Дебар, вработена како архивар во претпријатието.
Против овие четири лица се поднесени кривични пријави поради постоење основи на сомнение за кривичните дела „злоупотреба на лични податоци“, „фалсификување службена исправа“ и „несовесно работење во службата“.
Според полицијата, архиварката внесувала невистинити податоци во службената книга за лица кои наводно поднеле барања за издавање дозволи за сеча на дрва.
Директорот, пак, не го извршил потребниот надзор врз фиктивните барања, издавал дозволи за сеча на дрва и не вршел увид во испратниците за транспорт.
Двајцата референти за испорака на огревни дрва, според сомнежите, свесно издавале испратници со невистинити податоци, кои ги заверувале со сопствени потписи, спротивно на законските прописи.
Кривична пријава е поднесена и против две лица на возраст од 35 и 26 години од селото Џепиште, осомничени за кривичното дело „помагање“.
Според полицијата, тие со сопствени товарни возила вршеле превоз на дрвната маса и им помагале на останатите пријавени во прикривањето на кривичните дела.




