Недела, 22 ноември 2026 недела, 22 ноември Струга 10°C Струга 10°C Пријави вест
Македонија

Рама: Албанија никогаш нема да го прекине патот на Северна Македонија кон ЕУ

Објавено: · 3 мин читање
Рама: Албанија никогаш нема да го прекине патот на Северна Македонија кон ЕУ

Албанскиот премиер Еди Рама вели дека никогаш ниту тој ниту Албанија нема да го прекинат македонскиот пат за членство во ЕУ, објаснувајќи ја неговата изјава за бугарски медиум дека земјава мора да ги внесе Бугарите во Уставот за да влезе во Унијата.

Одговарајќи на новинарско прашање, дали ваквата порака значи дека ако утре Албанија влезе пред Северна Македонија во ЕУ, Тирана ќе ја блокира земјава ако не го исполни условот, Рама вели дека тоа е извадено од контекст.

„Јас секогаш сум бил гласен говорител за приближувањето на Македонија во ЕУ. И никогаш не би си дозволил да ѝ кажам на македонската влада или на македонскиот народ што треба да направи. Тоа што вие го алудирате, станува збор за одговор на еден новинар од Бугарија и се однесува на едно прашање што Бугарите го имаат кон вашата држава во врска со претходен договор. Имаше и подол одговор на ова прашање, а тоа е колку направила Северна Македонија, дури го сменила и името за да влезе во ЕУ. Исто така, додадов дека македонската страна со право се сомнева дали ќе постои уште вето ако го направи овој чекор и ги додаде Бугарите во Уставот“, рече Рама.

Од друга страна, додаде албанскиот премиер, Северна Македонија мора да го исполни овој услов за да влезе во ЕУ.

„Но, ниту јас ниту Албанија никогаш нема да го прекине патот на Северна Македонија кон ЕУ“, посочи Рама.

Тој на прашања од македонски и албански новинари одговараше од граничниот премин „Ќафасан“ каде во друштво на македонскиот премиер Христијан Мицкоски присуствуваше на пуштање во употреба на системот „Оне стоп шоп“ (One stop shop).

А на прашање како Мицкоски гледа на ваквите изјави од албанскиот колега, македонскиот премиер рече оти Рама дал објаснување и станува збор за изјава која се вади од контекст и не се гледа целокупниот одговор.

„Тоа се внатрешни прашања на една држава, ние сме свесни за реалноста, не ја игнорираме и исто така сме конструктивни, нудиме решенија за надминување на овој предизвик. За еден процес да биде позитивен, потребна е доверба, а доверба се гради на работи и проекти што не поврзуваат. Еден од тие е токму Коридорот 8 кој не поврзува трите земји Македонија, Албанија и Бугарија“, рече Мицкоски.

Тој додаде оти е убеден дена еден ден „многу скоро, нашите две преубави земји ќе седнат задно на маса во Брисел и ќе бидат дел од ЕУ“.

Вметнувањето на бугарската заедница во Преамбулата од Уставот е услов што Скопје мора да го исполни за да го продолжи патот кон Унијата.

По ветото од Бугарија во 2020, Скопје и Тирана со посредство на европските држави постигнаа компромис во 2022 – т.н. француски предлог. Земјава прифати да ја вметне бугарската заедница во Преамбулата, а од друга страна, се задржа чистата формулација за македонскиот јазик со тоа што Бугарија даде унилатерална изјава во која го изрази својот став за ова прашање.

Во тој период, Скопје и Тирана беа во ист пакет кога е во прашање членството на ЕУ. По постигнувањето на компромисот, Северна Македонија и Албанија одржаа меѓувладини конференции за почетокот на преговорите со Брисел.

Тирана во меѓувреме продолжи со отворање на кластери односно поглавја, додека Скопје за да го заврши процесот на отворање преговори и да почне со отворање кластери треба да ги направи уставните измени.