Забраната на ЕУ за испорака на пластичен отпад во Македонија и во останатите земји што не се дел од Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) стапи на сила на 21 ноември. Таа опфаќа и чисти, неопасни пластични материјали наменети за рециклирање, а предвидениот рок на важност е најмалку до 21 мај 2029 година.
Според податоците на Светската банка, во 2024 година земјите-членки на ЕУ пријавиле извоз на 323,5 тони пластичен отпад во Македонија, со вредност од околу 46.400 долари. Најголеми количества испратиле Хрватска и Грција. Овие бројки не го опфаќаат обемот на испораките во 2026 година.
Од Европската комисија велат дека целта е да се спречи отпадот создаден во Унијата да предизвика загадување и здравствени ризици во други земји.
„Еден од нашите приоритети е да го запреме загадувањето со пластика“, изјави во петокот европската комесарка за животна средина, Јесика Росвал, посочувајќи ја и потребата од глобален договор за справување со загадувањето од пластика.
Македонија претходно побарала од Европската комисија дозвола за продолжување на приемот на одредени категории неопасен отпад, меѓу кои хартија, стакло, метали и органски отпад. Пластиката не била дел од тоа барање.
За останатите категории отпад од мај 2027 година ќе важат посебни ограничувања, со можност за одобрени исклучоци.
По 21 мај 2029 година Македонија ќе може да побара дозвола за повторен прием на неопасен пластичен отпад од ЕУ, но само доколку докаже дека има капацитети за негово безбедно третирање. Одобрението нема да биде автоматско.
Забраната се однесува исклучиво на извозот од Европската Унија и не претставува општа забрана за увоз на пластичен отпад во Македонија од сите други држави.




