Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со вршителот на должноста претседател на Србија, Александар Чупиќ, на маргините на лидерскиот состанок на Процесот Брдо-Бриони во Охрид.
Во фокусот на разговорите биле унапредувањето на билатералните односи, економската соработка и решавањето на отворените регионални прашања преку политички дијалог, заемна почит и разбирање.
Сиљановска-Давкова му честитала на Чупиќ за изборниот успех и изборот за претседател на Народното собрание, изразувајќи уверување дека традиционалното пријателство меѓу двата народа ќе придонесе за дополнително интензивирање на соработката во образованието, науката, културата, туризмот и дигитализацијата.
Претседателката ја нагласила и значајната економска соработка, посочувајќи дека Србија е меѓу десетте најголеми трговски партнери на земјава.
Чупиќ, пак, ја поддржал иницијативата на Сиљановска-Давкова за вклучување на младите во состаноците на Процесот Брдо-Бриони, оценувајќи дека самитот во Охрид испраќа важна порака за значењето на добрососедските односи.
Двајцата соговорници ја истакнале улогата на македонската заедница во Србија и српската заедница во Македонија како цврст мост на пријателство и зближување меѓу двата народа.




