Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, оцени дека годинашниот состанок на лидерите во рамките на процесот Брдо-Бриони, одржан во Охрид, бил најконструктивниот и најпријатниот досега.
На прес-конференцијата по завршувањето на самитот, Милановиќ рече дека ова е негово седмо учество на состаноците, а во минатото имало моменти кога атмосферата била толку непријатна што се прашувал дали процесот може да продолжи.
Сепак, според него, денешната средба се одвивала во поинаква атмосфера, со поголемо меѓусебно почитување и разумен пристап кон прашањата за кои земјите учеснички немаат исти ставови.
„Ова досега беше најконструктивниот и најпријатниот состанок. Можеби зборот конструктивен е малку претеран, бидејќи не донесовме никакви одлуки, но атмосферата, почитувањето на соговорниците и разумниот пристап кон прашањата што можеби нè разделуваат или за кои немаме исти ставови претставуваат голем напредок“, изјави Милановиќ.
Тој нагласи дека токму позитивната атмосфера и начинот на кој се одвивале разговорите се најважниот впечаток што го носи од Охрид.
Милановиќ додаде дека со поголемиот дел од присутните лидери веќе се познава, додека со дел од нив се запознал за време на самитот. Изрази надеж дека пред регионот може да следуваат попријатни денови и подобра соработка, иако ваквите средби се одржуваат само еднаш годишно.




