Хил: Бриселскиот договор се однесува на Косово, а не на прашањето за албанското малцинство во Србија

Американскиот амбасадор во Белград, Кристофер Хил, во Бујановац изјави дека бриселскиот договор се однесува на Косово, а не на прашањата за малцинствата во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

-Морам да бидам многу јасен кога велам дека дијалогот во Брисел е за решавање на проблемите меѓу Приштина и Белград. Целта на дијалогот не е да се решаваат било какви други прашања, прашањата на малцинствата овде или во другите делови на земјата, рече Хил, соопшти порталот „Бујановачке“.

Американскиот амбасадор истакна дека прашањето за албанското малцинство во Србија е исклучиво прашање на државата Србија и повтори дека „тоа нема никаква врска со бриселскиот дијалог“.

Според него, официјалната политика на САД е да го поддржат Бриселскиот дијалог и постигнатиот договор, „чиј важен дел е формирањето на Заедницата на српските општини“.

-Договорот што е постигнат ни на кој начин нема интенција да ги премине границите, нагласи амбасадорот.

На новинарско прашање за писмото на американските конгресмени кои по средбата со албанските политичари од Бујановац и Прешево побараа од американскиот државен секретар Ентони Блинкен да формира и заедница на албански општини, амбасадорот рече дека го почитува она што го кажуваат конгресмените, но дека таквата заедница не е дел од Бриселскиот договор. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ