Претседателот Пендаровски од Струга: Не би сакал војната во Украина да биде поттик за нешто позитивно како што е проширувањето на ЕУ

Претседателот Стево Пендаровски денеска учествуваше на сесијата „Мир и демократија наспроти војна и автократија“ на Преспа форум за дијалог 2023, што се одржува во Струга на тема „Проширено европско семејство до 2030: (Не)возможна мисија?“.

Пред учесниците на форумот претседателот Пендаровски говореше по прашањето на руската агресија врз Украина и промени што војната ги донесе на европскиот континент.

Претседателот Пендаровски истакна дека војната во Украина го врати фокусот на геополитиката и геополитичкиот начин на размислување стана доминантен во Европската Унија по однос на прашањето на проширувањето. Ако војната во Украина е поводот Европската Унија да го врати интересот за проширувањето кон регионот на Западен Балкан, тогаш, според претседателот Пендаровски, многу природно се наметнува прашањето – што ќе се случи кога војната во Украина ќе заврши? Дали ќе се вратиме на вообичаеното, што значи помалку внимание за Западниот Балкан како регион и тоа не само во однос на проширувањето? -Не би сакал војната да биде поттик за нешто позитивно што би требало да се случува, рече претседателот Пендаровски.

Според претседателот Пендаровски, бавното темпо на процесот на интеграција во Европската Унија е закана за демократијата и мирот на Балканот. Преговарачкиот процес, според македонскиот претседател, ги унапредува демократските процеси во земјите-кандидати, додека без надзорот од ЕУ назадувањето е очигледно, а во многу случаи и неизбежно. Дополнително, според претседателот Пендаровски, предолгото чекање за ЕУ членство може да доведе до тоа луѓето да бараат алтернативи и да дојде до остар пад на поддршката за членство во ЕУ, а без пристапниот процес се јавува повеќе простор за малигни влијанија поради фактот што земјата-кандидат не е дел од заедничките механизми за размена на информации и управување со кризи.

За да видиме системски и неповратен напредок, потребна ни е рамка за тоа – правна, политичка и економска, плус безбедност и разузнавање. ЕУ, според претседателот, е солидна рамка за првите три компоненти, а НАТО за последните две.

Претседателот Пендаровски исто така се осврна и на можностите и предизвиците што ги нуди вештачката интелигенција и во таа насока ги поздрави иницијативите што се преземаат од владите и меѓународните организации со цел да се изнајдат решенија за полезно користење на вештачката интелигенција за јавно добро и напредок, додавајќи дека автократите може да ја злоупотребат вештачката интелигенција на сличен начин како што ги злоупотребуваат и социјалните медиуми.

Во однос на политичкото учество на жените и младите во земјава и регионот, претседателот Пендаровски истакна дека патот за нивното вклучување во процесите на донесување на одлуки отсекогаш бил тежок во општества каде доминирале мажите, но дека е потребно афирмативно дејство за нивно политичко учество и во процесите на донесување на одлуки.

На сесијата се обратија и претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ, претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, помошник генералниот секретар на ОН, Мирослав Јенча и младинскиот претставник Зорана Антовска, а свое видео-обраќање имаше и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ