Бочварски: Инвестираме 20 милиони евра за изградба на патниот правецИзвор – Гарски Мост, за прв пат ги поврзуваме Дебар со Кичево

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери,
министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, заменик министерот за
транспорт и врски, Беким Реџепи и директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп
Рустеми, денеска остварија работна посета на мавровско-реканскиот регион, каде
извршија увид во изградба на патниот правец Гарски Мост – Извор.
Се работи за комплетно нова патна врска од 18,8 километри со која за прв пат се
поврзуваат градовите Дебар и Кичево.

При увидот, министерот Бочварски истакна дека Министерството за транспорт и
врски е силно фокусирано на модернизација на целокупната патна
инфраструктура во земјата, каде се инвестираат околу 2 милијарди евра токму за
таа намена.
„Кога го започнувавме овој нов пат од Гарски мост кон Извор, голем број на

граѓани беа скептици. Но, ги разубедивме, патниот правец се гради, достигнавме
прогрес од околу 75% и убеден сум дека со добра организација до крај на
годината ќе го завршиме. Оваа патна врска има посебно значење за жителите од
Маврово, Дебар, Центар Жупа, Кичево и помалите населените места околу нив.
За прв пат ги поврзуваме Дебар и Кичево и ова е огромна придобивка за сите
граѓани, за развој на економијата, за оддржување на блиските релации и
комуникација меѓу жителите и секако ова е еден прекрасен предел во државата
каде со изградба на овој пат создаваме услови за развој и на туризмот.“ – изјави
министерот Бочварски.

Тој исто така додаде дека во истиот регион завршена е рехабилитацијата и на
патниот правец Маврови Анови – Жировница, инвестиција од преку 6 милиони
евра, со што овој патен правец кој години наназад не беше рехабилитиран, сега е
доведен на ниво на модерен и безбеден пат.

Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми потенцира дека ова е
најважниот инфраструктурен проект во овој регион.

“Изградбата на овој нов патен правец, кој ќе го поврзува Дебар со Кичево со што
ќе се скрати времето на патување, се одвива со засилено темпо и е еден од
најважните инфраструктурни зафати во овој регион. Во моментов целата траса од
19 километри и со ширина од 6 метри е пробиена. На некои делови се врши
тампонирање, некаде се прават бетонски потпорни ѕидови, се прават косини,
насипи, а на повисокиот дел од трасата има веќе и прв слој на асфалт.
Инвестицијата за овој зафат е 20 милиони евра“, изјави директорот Рустеми.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ