Авион „Boeing 737-800“ на американската компанија „Southwest Airlines“ морал принудно да слета откако капакот на моторот се откачил при полетувањето и удрил во крилото на леталото.
„ABC News“ пренесува дека Федералната администрација за авијација (FAA) соопштила дека инцидентот се случил вчера наутро кога авионот полетал од Меѓународниот аеродром во Денвер кон Хјустон.
Се наведува дека „FAA“ истражува што се случило, а дека персоналот во леталото изјавил дека капакот од моторот отпаднал во текот на полетувањето и удрил во крилото.
Од „Southwest Airlines“ е соопштено дека авионот безбедно слетал откако имал механички проблем.
Се наведува дека на патниците им биле закажани други летови, а дека техничкиот персонал го прегледува леталото.
На социјалните мрежи се појавиле снимки кои ги направиле патниците во леталото при полетувањето, а на кои се гледа како капакот се ниша под ударите на ветар.
„Се се распаѓа“, се слуша Лиза на клипот, една од патничките која го снимала инцидентот.
Таа за „ABC News“ навела дека капакот на моторот се одлепил во првите десет минути од летот.
Патникот Купер Глас за американска телевизија изјавил дека ова искуство било застрашувачко.
„Луѓето наспроти мене почнаа да им викаат на стјуардесите и да им ја покажуваат штетата“, навел Глас кој го пофалил пилотот дека завршил одлична работа при слетувањето.