Новиот генсек на НАТО, Марк Руте: НАТО ќе се посвети на изградба на побезбеден свет за нашите граѓани 

Сојузниците во НАТО се соочуваат со сериозни предизвици и мора да работиме на справување со нив, согласно определбата за изградба на побезбеден свет за милијарда наши граѓани, порача новиот генерален секретар на Алијансата, Марк Руте, на прес-конференција во Брисел по неговото денешно стапување на должноста. 

– Моја обврска ќе биде да работам на спроведување на ова и на приспособување на нашата Алијанса на се покомплексниот свет. Не постои ништо што не можеме да го постигнеме заедно, рече Руте. 

Тој посочи дека за време на неговиот мандат на чело НАТО ќе се посвети на три главни приоритети – обезбедување гаранции дека Алијансата ќе може да одговори на сите закани, поддршка на Украина во борбата против руската агресија и справување со растечките глобални предизвици поврзани со евроатлантската безбедност. 

Руте воедно му се заблагодари на досегашниот генерален секретар Јенс Столтенберг за неговата работа, како и на сите земји членки на НАТО за нивната поддршка при неговиот избор на новата должност во раководењето со, како што рече, најуспешната воено-политичка алијанса во историјата.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ