Имотот на Захариева ги заинтригираа европратениците – што се поседува?!

Две куќи во Бугарија и Грција, сопственост на Екатерина Захариева, кандидатка за еврокомесарка за истражување и иновации, привлекоа значително внимание од европратениците во Комитетот за правни прашања (ЈУРИ) на Европскиот парламент. Овој комитет во четвртокот започна со разгледување на декларациите за имотната состојба на кандидатите за новата Европска комисија.

Според „Еурактив Бугарија“, во декларацијата на Захариева се наведуваат, покрај другите имоти, куќа во Софија од 484 квадратни метри, изградена во 2018 година на парцела од 600 квадратни метри купена во 2007, како и вила од 200 квадратни метри на полуостровот Халкидики во Грција, изградена во 2019 година на земјиште стекнато во 2008.

Захариева изјавува дека на тековната сметка има околу 61.000 евра, заштеда од 38.000 евра и имот во вредност од 292.777 евра, сопственост на компанијата на нејзиниот сопруг, „Анзак инвест“. Во периодот од 2017 до 2023 година, таа била ангажирана како проект-менаџер во пет наврати, но не навела детали за проектите.

Европратениците изразија интерес за недостатокот на информации за потеклото на средствата за изградба на недвижностите, особено бидејќи тие се изградени во време кога Захариева била министерка за надворешни работи.

Името на Захариева е поврзано со неколку контроверзии, вклучувајќи и аферата од 2018 година за нелегално издавање на бугарски државјанства за паричен надомест. ЈУРИ има право да поставува дополнителни прашања на кандидатите пред да донесе конечна одлука за потенцијални судири на интереси. Крајниот рок за ова е 18 октомври.

Во претходните декларации поднесени до бугарската антикорупциска комисија, Захариева пријавува детални информации за имотот. Во декларацијата од 2016 година, кога беше избрана за вицепремиерка и министерка за правда, таа пријавува три стана во Софија, од кои два се во заедничка сопственост со сопругот.

Станот во нејзина сопственост е купен во 2005 година за 26.000 евра, додека другите два се купени за 105.000 и 11.500 евра. Покрај тоа, таа пријавила и дека поседува половина од продавница во Пазарџик, купена во 1996 година за 38.200 евра.

Во декларацијата за сопругот, Захариева пријавила дека поседува банкарски депозити во вредност од 75.000 евра и 15.000 долари. Во друга декларација од 2018 година, таа обелоденила приходи од околу 33.000 евра, додека сопругот имал приходи од 105.500 евра. Во истата декларација, таа навела дека продале половина од парцелата на Халкидики за речиси 58.700 евра.

Во декларацијата од 2021 година, покрај претходно наведениот имот, таа пријавила приходи од 115.000 евра, а сопругот 272.500 евра, како и позајмици на приватни лица во вкупна вредност од 175.000 евра. Имињата на овие поединци не се наведени.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ