ВИДЕО: Палестинците масовно се евакуираат од Газа по големата офанзива на израелската војска

Илјадници семејства се обидуваат да избегаат од Газа додека израелската војска спроведува копнена операција како дел од нејзината голема офанзива насочена кон освојување на градот.

Лина ал-Магреби, 32-годишна мајка на три деца од населбата Шеик Радван, за Би-Би-Си изјави дека се спротивставила на напуштањето на домот – и покрај опасноста – сè додека не добила телефонски повик од израелски офицер со кој ѝ наредил да се евакуира.

„Бев принудена да го продадам мојот накит за да ги покријам трошоците за преселба и купување шатор“, рече таа.

„Ни требаа десет часа за да стигнеме до Кан Јунис, а за возењето плативме 3.500 шекели (847 евра). Редот од автомобили и камиони изгледаше бесконечен.“

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека е започната „силна операција“ во градот Газа, кој го опиша како последно големо упориште на Хамас.

Израелската војска го означи крајбрежниот пат Ал-Рашид како единствен дозволен пат за евакуација на цивилите. Многумина опишуваат големи сообраќајни метежи, бескрајни редици автомобили и камиони и долги чекања, бидејќи семејствата се заробени на патиштата.

Операцијата предизвика широка меѓународна осуда, вклучително и од генералниот секретар на ОН за човекови права и од германскиот министер за надворешни работи.

Британската министерка за надворешни работи Ивет Купер ја нарече офанзивата „целосно неодговорна и ужасна“, истакнувајќи дека таа „ќе донесе повеќе крв, ќе убие повеќе невини цивили и ќе ги загрози преостанатите заложници“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ