Американски официјални лица ќе се сретнат со дански претставници во среда за да разговараат за иднината на Гренланд, објавија извори од Белата куќа. Состанокот следи по отвореното одбивање на претседателот Доналд Трамп за каков било компромис, инсистирајќи дека САД мора целосно да го стекнат островот.
„Ако не дејствуваме, Русија или Кина ќе се вмешаат“, предупреди Трамп во неделата навечер на летот со Air Force One, отфрлајќи ја одбраната на Гренланд како малку повеќе од „две кучиња и санка“.
Иако состанокот, првично објавен од CBS News, не е официјално соопштен, тој доаѓа по неколку дена на ескалирачки тонови од Трамп, кој ја оживеа својата намера да го купи најголемиот остров во светот и не исклучи употреба на сила.
Секретарот за надворешни работи Марко Рубио минатата недела на Конгресот потврди дека Трамп сè уште е заинтересиран за купување на Гренланд. Потоа, Белата куќа соопшти дека официјални лица разгледуваат широк спектар опции, вклучително и можност за воена акција.
Трамп го засили својот став и во петок, на средба со нафтени извршни директори: „Би сакал да склучиме договор, знаете, на лесен начин. Но ако не можеме лесно, ќе го направиме на тежок начин“, рече претседателот.
Во интервју за The New York Times, Трамп посочи дека сопственоста над Гренланд е важна бидејќи е „психолошки потребна за успех“ и повторно ја истакна важноста на островот за американската одбрана. „Сопственоста дава нешта што не можете да ги добиете само со потпишување документ“, рече тој.
Претседателот дополнително потенцираше дека администрацијата не е заинтересирана за изнајмување, туку за целосно стекнување на Гренланд. „Гренланд треба да го направи договорот затоа што не сака да види Русија или Кина да превземат контрола“, предупреди Трамп, додавајќи дека воените активности на Русија и Кина во Арктикот ги ограничуваат опциите на САД.
Коментарите на Трамп предизвикаа директен отпор во Конгресот, а сенаторот Тим Каин најави дека законодавците ќе дејствуваат за да го блокираат секое можно воено дејствување против Гренланд или Данска. Други демократи предупредија дека анексијата на Гренланд би можела да ја активира обврската за колективна одбрана на НАТО, што значи дека сојузниците би биле приморани да реагираат.
Данскиот премиер Мете Фредериксен и лидерите на Гренланд јасно одбија каква било американска иницијатива. „Не сакаме да бидеме Американци, не сакаме да бидеме Данци, сакаме да бидеме Гренландци“, порачаа тие.
Состанокот во среда засега покажува иницијална комуникација, а не решение. Меѓутоа, со отворената можност за сила, заканите од Конгресот и прашањата околу единството на НАТО, Гренланд се претвори од маргинална идеја во реален геополитички тест за администрацијата на Трамп.
Трамп: Одбраната на Гренланд е две кучиња и санка!
©2024 Спектра ТВ. Сите права задржани. Made by
Ultrasoft