Изградбата на минарето на Горна Џамија „Мехмед Али Паша“ во Лабуништа влегува во завршната фаза. Денеска беше поставена металната конструкција на неговиот врв, со што е реализиран уште еден значаен чекор кон целосното завршување на градежните активности.
Со поставувањето на конструкцијата, минарето го добива својот препознатлив изглед и веќе претставува впечатлив дел од архитектурата на џамијата, како и од панорамата на Лабуништа.
Во рамки на завршното уредување е предвидено и декоративно осветлување, кое дополнително ќе го истакне минарето во вечерните часови. Според плановите, осветлувањето ќе биде поставено во долниот дел, додека шехадетот на самиот врв ќе добие посебни светлосни ефекти, со визуелен изглед што потсетува на пламен насочен кон небото.
Со реализацијата на овој проект, Горна Џамија ќе добие уште поизразен архитектонски изглед, а осветленото минаре се очекува да претставува нов препознатлив симбол на населеното место.
Во изградбата учествуваат бројни мајстори, доброволци, донатори и жители кои со својот труд и финансиска поддршка придонесуваат за реализацијата на проектот.
Завршувањето на минарето претставува значаен момент за верската заедница и жителите на Лабуништа, а објектот ќе продолжи да биде дел од верското и културното наследство на селото.





