Четврта железничка несреќа во Шпанија за помалку од една недела

Приградски воз се судри со кран во југоисточна Шпанија во четврток, соопштија службите за итни случаи, во четвртата железничка несреќа во земјата за помалку од една недела. Несреќата се случила во близина на пристанишниот град Картахена, во регионот Мурсија.
Четири лица се здобиле со полесни повреди и им е укажана медицинска помош на местото на настанот, соопштија властите. Портпаролот на службите за итни случаи на Мурсија изјави дека возот не излетал од шините ниту се превртел, и дека првите повици за инцидентот биле примени веднаш по пладне.
Шпанија сè уште се опоравува од сериозната железничка несреќа што се случи во неделата во јужниот регион Андалузија, кога брз воз се урна во мост, при што загинаа најмалку 43 лица. Трагедијата предизвика широка јавна загриженост за безбедноста на железничката мрежа во земјата.
Само два дена подоцна, приградски воз излета од шините во близина на Барселона откако заштитна ограда се урна на пругата поради обилни дождови. Во несреќата загина машиновозачот, а тешко повреди четворица патници.
Друга несреќа се случи истиот ден во североисточниот регион Каталонија. По настаните, главниот синдикат на машиновозачи повика на национален штрајк, барајќи подобрени безбедносни стандарди и дополнителни безбедносни мерки на железничката инфраструктура.
Менаџерот за железничка инфраструктура на Шпанија, Адиф, во четврток изјави дека сообраќајот на линијата Мурсија е нарушен поради, како што рече, „влез на кран што не припаѓа на железничките операции во заштитниот профил на инфраструктурата“. Деталите за околностите под кои кранот се нашол на линијата сè уште не се објавени.
Властите започнаа истрага за да утврдат одговорност и да спречат слични инциденти да се случат повторно, додека јавноста и синдикатите сè повеќе бараат итни мерки за подобрување на безбедноста на железницата низ целата земја.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ