Нова тензија меѓу Вашингтон и Техеран: Трамп го отфрли иранскиот предлог

Американскиот претседател Доналд Трамп го отфрли иранскиот одговор на американскиот предлог за завршување на војната, оценувајќи го како „целосно неприфатлив“.
Техеран одговорот на најновиот предлог на САД го испратил преку посредници од Пакистан, со цел да се стави крај, како што навеле, на воената агресија врз Иран, пренесува Би-Би-Си (BBC).
Трамп на социјалната мрежа Truth Social објави дека штотуку го прочитал одговорот од „таканаречените ирански претставници“ и нагласи дека не му се допаѓа и дека е „целосно неприфатлив“.
Американскиот портал Axios објави дека американскиот меморандум од 14 точки, напишан на една страница и претходно испратен до Иран, содржел одредби како суспензија на иранското збогатување ураниум, укинување на санкциите и враќање на слободниот премин низ Ормускиот теснец.
Според истиот портал, кој се повикува на американски официјални лица и уште два извори, многу од условите наведени во меморандумот би зависеле од постигнување конечен договор.
Иранската полуофицијална новинска агенција Tasnim објави дека одговорот на Техеран вклучувал итен прекин на војната на сите фронтови, прекин на американската поморска блокада на иранските пристаништа и гаранции дека нема да има понатамошни напади врз Иран.
Според иранските државни медиуми, предлогот на Техеран вклучува и барање за надомест на воените штети, како и нагласување на иранскиот суверенитет над Ормускиот теснец.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан вчера директно не се осврна на предлогот, но изјави дека „никогаш нема да ја наведнат главата пред непријателот, а ако се покрене разговор за дијалог или преговори, тоа не значи предавање или повлекување“.
Пакистан посредуваше во воспоставувањето прекин на огнот меѓу Техеран и Вашингтон, кој е во сила од 8 април, со што главно беа запрени речиси 40-дневните напади на САД и Израел врз Иран, а во најголем дел престанаа и иранските возвратни напади врз земји во регионот каде има американски бази и други интереси.
Примирјето, наменето да ги олесни преговорите за завршување на војната што ја започнаа САД и Израел во февруари, во голема мера се почитува и покрај повремените разменувања оган.
Претходно оваа недела Трамп изјави дека војната во Иран наскоро ќе заврши.
Сепак, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека иранските залихи на збогатен ураниум мора да бидат „отстранети“ пред да може да се смета дека војната против Иран е завршена.
„Постојат уште локации за збогатување ураниум кои мора да бидат демонтирани“, рече Нетанјаху во интервју за CBS.
Иран и натаму го блокира стратешкиот теснец, што доведе до раст на цените на нафтата во светот. Околу 20 проценти од светската нафта и течен природен гас минуваат низ тој теснец.
Од друга страна, САД спроведуваат блокада на иранските пристаништа со цел да извршат притисок врз Техеран да ги прифати нивните услови.
 

ОСТАНАТИ ВЕСТИ