Хантавирус во Холандија: 12 вработени во болница ставени во карантин

Здравствените власти во Холандија презедоа мерки на претпазливост откако 12 вработени во болницата Радбауд во градот Најмеген беа ставени во карантин поради можна изложеност на хантавирус.
Според холандските медиуми, вработените биле ангажирани во лекувањето на пациент кој патувал на крузерот „Хондиус“, а кај кого подоцна бил потврден вирусот, пренесува NL Times.
Болницата соопштила дека дел од персоналот не ги следел целосно строгите безбедносни протоколи при контакт со крв и урина од заразениот пациент. Иако ризикот од пренос на инфекцијата е оценет како низок, одлучено е тие лица да останат во карантин во наредните шест недели.
Од здравствената установа не откриваат дали станува збор за лекари, медицински сестри, болничари, студенти по медицина или друг персонал.
Во меѓувреме, хантавирусот предизвика загриженост и по неодамнешната епидемија на патнички брод што пловел под холандско знаме, каде биле опфатени 147 патници и членови на екипажот. Според извештаите, три лица починале како последица од инфекцијата.
Две од жртвите биле брачна двојка од холандскиот регион Фрисланд, додека третото починато лице било државјанка на Германија.
Досега најмалку седум лица се потврдени како позитивни на хантавирус, додека за неколку други постои сомнеж дека се заразени.
 

ОСТАНАТИ ВЕСТИ