Денеска во Лабуништа беа асфалтирани две улици, во рамки на активностите на Општина Струга, а по барање на Месната заедница Лабуништа.
Станува збор за улицата „Долно Беќировци“, во должина од 110 метри, како и улица во населбата Умиште, долга 255 метри. Двете улици се асфалтирани во ширина од три метри, со што Лабуништа доби вкупно 365 метри нов асфалт.
Од Месната заедница Лабуништа посочуваат дека реализацијата на овие активности претставува значаен чекор во подобрувањето на локалната патна инфраструктура и условите за движење на жителите.
Сепак, оттаму нагласуваат дека во населеното место сè уште има повеќе улици и патни правци кои чекаат да бидат асфалтирани. Меѓу нив се патот кон Горна Краста, патот кај Шерифовци и патот кај „Др. Алил“, како и други улици низ Лабуништа.
Од Месната заедница очекуваат соработката со Општина Струга да продолжи и во наредниот период, со цел постепено да бидат опфатени и преостанатите улици и патни правци и да се подобри патната инфраструктура во целото населено место.




