Болницата за нефрологија во Струга се опремува со нови машини за дијализа, набавена и нова анестезиолошка опрема

Министерот за здравство Сашо Клековски денеска ја посети ЈЗУ Специјализирана болница за нефрологија – Струга, каде се сретна со директорот д-р Јетмир Зиба и со здравствените работници.

„Болницата е регионален центар за нефрологија и урологија и е препознатлива по дијализата на пациенти со потешка здравствена состојба — токму оние на кои им е потребна најсложена грижа. Само во 2025 година се направени: 16.681 хемодијализа; 738 крвни пристапи (АВ фистули) за пациентите на дијализа; речиси 16.000 прегледи во нефролошката и над 7.300 во уролошката амбуланта; 1.381 хоспитализиран пациент на Нефролошкото одделение. Постепено се осовременува со нови машини за дијализа, а набавена е и нова анестезиолошка опрема“, објави Клековски на својот фејсбук профил.

Болницата од пред 40 години, посочува министерот, нуди здравствен туризам, од неодамна пријавена на Букинг дијализа.

„Најмногу ме израдуваа зборовите на пациентите — од нив слушнав само пофалби за здравствениот персонал. За пациент што на дијализа доаѓа неколку пати неделно, со години, односот на сестрите и лекарите е дел од самата терапија. Предизвикот пред болницата е генерациска смена — голем број медицински сестри заминуваат во пензија оваа и следните години. Нивното знаење и искуство не смее да замине заедно со нив. Затоа навремената замена и пренесувањето на искуството на помладите колеги мора да се планираат уште сега“, објави Клековски и им се заблагодарува на д-р Зиба и на целиот тим за гостопримството и за посветеноста кон пациентите.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ