Нешто помалку од половина од луѓето во светот веруваат дека нивните семејства ќе бидат подобро во иднина, а најголем песимизам изразиле граѓаните од групата водечки економии, покажува истражувањето на „Еделман труст“ (Edelman Trust).
Анкетата покажува дека само 40 отсто од испитаниците од 28 земји во светот се согласиле со изјавата „јас и моето семејство ќе живееме подобро за пет години“. Пред една година половина од испитаниците очекувале подобрување.
Во САД, Велика Британија, Германија и Јапонија, песимизмот го достигна највисокото ниво пред две децении кога фондацијата почна да спроведува истражувања.
Песимизмот ја одразува длабоката несигурност во глобалната економија бидејќи војната во Украина продолжува и централните банки ги зголемуваат каматните стапки за да ја скротат инфлацијата. Претходно, Светска банка предупреди дека 2023 година може да биде фатална за глобалната економија, која би можела да оди во рецесија.
Во групата водечки економии, најмали „оптимисти“ се Јапонците, само девет проценти. Следуваат Германија и Велика Британија, со 15, односно 23 отсто од испитаниците, и САД, каде 36 проценти од испитаниците очекуваат подобрување.
Земјите со високи стапки на раст забележаа многу подобри резултати, иако нешто послаби од минатата година, со исклучок на Кина, каде уделот на „оптимистите“ се зголеми за еден процентен поен, на 65 отсто, и покрај економските нарушувања поврзани со строгите мерки за коронавирусот. Резултатите повторно ја покажаа длабоката поделеност на општеството под влијание на пандемијата и инфлацијата. Така, домаќинствата со повисоки приходи се уште имаат доверба во институциите како владата, компаниите, медиумите и невладините организации, за разлика од оние со ниски примања.
Резултатите од истражувањето на „Еделман Труст“ во САД покажуваат дека просечно ниво на доверба во клучните институции кај испитаниците со високи приходи е 63 проценти, додека во групата со ниски примања доверба во институциите изразиле само 40 отсто.
Слични резултати се добиени и кај испитаниците од Саудиска Арабија, Кина, Јапонија и Обединетите Арапски Емирати.
Сопственикот на Фондацијата, Ричард Еделман изјави дека „истражувањето повторно покажа огромна класна поделба.
Во пандемијата бевме сведоци на различни исходи во однос на здравјето, а сега тоа го гледаме во однос на влијанието на инфлацијата, додаде Еделман.
Светска здравствена организација (СЗО) нагласи дека пандемијата им нанела поголема штета на сиромашните, а зголемувањето на цената на основните прехранбени производи најмногу ги погодило луѓето со ниски примања.
Во Аргентина, САД, Јужна Африка, Шпанија, Шведска и Колумбија, резултатите од истражувањето сигнализираат поларизација, бидејќи голем број испитаници се согласија со изјавата „Гледам длабоки поделби и мислам дека никогаш нема да ги надминеме“.
Испитаниците покажале малку поголема доверба во компаниите, што Еделман го припишува на програмите за зачувување на работните места во пандемијата, повлекувањето од Русија поради нејзината инвазија врз Украина и зголемената посветеност на еднаквоста на малцинските општествени групи.
Во истражувањето спроведено од 1 до 28 ноември 2022 година учествувале повеќе од 32.000 испитаници.