Потребата истовремено да се засладиме и разладиме во врелите летни денови најчесто ја задоволуваме со порција сладолед.
Изборот во продавниците е ограничен, а постојаното повторување на истите вкусови понекогаш може да стане здодевно.
Домашниот чизкејк сладолед ги комбинира зборовите „освежително“ и „кремасто“ во еден залак, а со овој едноставен рецепт ќе стане вашиот омилен летен десерт!
Потребни состојки:
– 350 гр. слатко кондензирано млеко
– 250 гр. маскарпоне сирење
– 100-150 гр. мелен кекс по избор
– 100 гр. малини (свежи или замрзнати)
– 200 мл. слатка павлака
– неколку лажици џем од малина (или згответе на тивок оган 200 гр. малини со 70 мл. вода, 2 лажици шеќер и 1 лажица густин додека не добиете густа смеса)
– по желба малку рендано бело чоколадо
Подготовка:
1. Накратко изматете го маскарпоне сирењето и кондензираното млеко додека убаво не се соединат.
2. Посебно изматете ја слатката павлака, но внимавајте да не биде премногу цврста.
3. Соединете ги двете смеси и добро измешајте ги. Додадете ситно искршен или мелен кекс, малку рендано бело чоколадо и сè убаво измешајте.
4. Во сад подготвен за сладолед ставете 1/3 од смесата, убаво распоредете, па прелијте со 1-2 лажички џем (претходно растопен на пареа) и со стапче со кружни движења поминете низ смесата.
5. Одозгора ставете 6-7 сечкани малини и посипете со една лажица мелен кекс. Постапката повторувајте ја сè додека имате фил.
6. Оставете да се излади најмалку 3 часа, па сервирајте по желба.