Животното е тешко 16 килограми и е во одлична здравствена состојба. Откако биле направени потребните прегледи, ѝ бил поставен околувратник преку кој Македонското еколошко друштво ќе го следи нејзиното движење
Македонското еколошко друштво (МЕД) соопшти дека минатата ноќ лоцирало нова рисица. Животното било лоцирано во кафез-замка која била направена минатата недела и поставена пред три дена.
Рисицата на која ѝ е дадено името Луна пред само неколку часови била лоцирана на планината Буковиќ, во близина на Стража.
Како што информираа од МЕД, животното е тешко 16 килограми и е во одлична здравствена состојба. Откако биле направени потребните прегледи, ѝ бил поставен околувратник преку кој Македонското еколошко друштво ќе го следи нејзиното движење.
Рисицата Луна сега е пуштена на слобода.
Балканскиот рис е една од најретките големи мачки на планетата, со популација од помалку од 50 единки, од кои најголемиот дел, околу 40 живеат во Северна Македонија, а останатите се сретнуваат во Албанија и Косово. Меѓународната унија за зачувување на природата (IUCN), балканскиот рис го рангира како критично загрозен, а најголемиот дел од опасностите за неговиот опстанок се дело на човекот.
Сечата на шумите заради изградба на патишта или други објекти ги уништува и ги расцепкува живеалиштата на рисот, го оневозможува да населува нови подрачја и непречено да комуницира со единки од пооддалечени подрачја што во последните години резултираше и со една нова опасност, а тоа е размножувањето во блиско сродство или инбридинг. Малиот број полово зрели рисови, кои долго време живеат на мала територија допринесува балканскиот рис да има осиромашен генски фонд, состојба што на долг рок може да биде фатална за целокупната популација.
Македонското еколошко друштво, со партнерски организации од регионот и Европа веќе 17 години работи на Програмата за закрепнување на балканскиот рис, во рамките на која се следи движењето и состојбата на популацијата на големата мачка.