ОБСЕ го поздрави напредокот во дијалогот меѓу Белград и Приштина

По средбата на високо ниво во рамките на дијалогот Белград-Приштина одржана викендов меѓу претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Косово Албин Курти во Охрид, потпретседателот на Парламентарното собрание на ОБСЕ, Мајкл Георг Линк ги пофали напорите на ЕУ и САД и постигнатиот напредок во развојот на нормални, добрососедски односи, јави дописникот на МИА од Белград.

-Ова е конечно многу добра вест од разговорите на високо ниво на бриселскиот дијалог меѓу Белград и Приштина, врз основа на напредокот постигнат на 27 февруари годинава, каде страните се договорија за германско-францускиот план, кој беше поддржан од сите членки на ЕУ, наведе Линк во соопштението на ОБСЕ.

Со согласувањето со германско-францускиот план на 27 февруари и неговиот анекс на 18 март, Вучиќ и Курти ја покажаа зрелоста на нивното политичко лидерство и ние силно ги поддржуваме во спроведувањето на договорот постигнат под покровителство на Европската унија. Сите сме свесни дека мирот нема алтернатива, додаде Линк.

Тој ги повика двете страни да работат напорно за спроведување на договорот, чија имплементација, како што рече, може да го олесни слободното движење на луѓе и стоки, што е од суштинско значење за регионот.

Линк изрази уверување дека вистинската подготвеност за компромис е неизбежна.

„Напредокот на европскиот пат за двете страни зависи од сеопфатниот договор за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, што ќе создаде нови можности и ќе го подобри животот на нивните граѓани“, рече Линк.

Договорот за нормализација меѓу страните е исто така корисен за безбедноста, стабилноста и просперитетот на целиот регион.

Линк додаде дека Парламентарното собрание на ОБСЕ е подготвено да даде поддршка во овој процес се додека тоа е потребно.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ