Одмерени и внимателно дозирани државни интервенции во економијата

Слободната трговија се соочува со проблеми какви што веќе се видени во историјата, а тврдите интервенции на државата можат повеќе да засметаат отколку да помогнат, пишува „Економист“, не отфрлајќи го државниот интервенционизам, но повикувајќи на умереност и меѓународна координација на јавните интервенции во економијата.

„Слободната трговија е на умирање“, изјави основачот на тајванската компанија за производство на полупроводници (TSMC), Морис Чанг, на прославата по повод изградбата на фабрика во Аризона. Неговата забелешка е една во низата од таков тип последно време, а уште летото тој ги нарече „залудни“ американските напори за враќање на производството на чипови во САД.

Се до неодамна владите на побогатите земји генерално го споделуваа неговото мислење, но загриженоста за безбедноста на синџирите на снабдување поттикнува експериментирање со државниот интервенционизам.

Индустриската политика е стара приближно колку и самата индустрија. Првиот министер за финансии на Америка, Александар Хамилтон, се залагаше за заштита на индустриите во неговата земја, изјавувајќи дека аргументите на Адам Смит во корист на слободната трговија се „теоретски вистинити“, но „практично лажни“.

Америка, Франција и Германија се индустријализираа заштитени со царински бариери. По Втората светска војна, десетици влади се обидоа да помогнат во индустријализацијата во земји како Јапонија и Јужна Кореја.

Денешната индустриска политика е од сосема нов вид и ја следат технолошки развиените земји во опкружувањето на сложени глобални синџири на снабдување.

Неодамнешните интервенции главно се засноваат на аргументи за „доенчињата-индустрија“. Станува збор за нови индустрии кои доживуваат потешкотии во раните фази или се целосно неспособни да се натпреваруваат со воспоставените конкуренти во странство. Идејата е дека ако државата го коригира почетниот неуспех на пазарот, новата индустрија на крајот би можела сама да напредува.

Во секој случај, државната поддршка или привремената заштита од странски конкуренти, или и двете, може да создаде доволно простор и време за развој на индустријата.

Сепак, не е лесно да се утврди дали овие теории се практично или само теоретски вистинити.

Индустриската политика никогаш не се спроведува изолирано, што значи дека често е тешко да се изолираат нејзините ефекти. Меѓутоа, преку внимателна работа и набљудување, се сугерира дека „политиката на доенчињата“ може да функционира во реалниот свет.

Како пример „Економист“ ги наведува 1970-тите кога Америка беше доминантен извозник на компјутерски чипови. Јапонската влада инвестираше многу во истражување на полупроводници, помагајќи им на јапонските производители на чипови и туркајќи ги Американците од пазарот.

Професорот по меѓународна економија, Ричард Болдвин од Институтот за постдипломски студии во Женева, и професорот по економија на Центарот за постдипломски студии на Градскиот универзитет во Њујорк, Пол Кругман, објавија труд во кој се наведува дека тие политики поддржуваат акумулација на експертиза, без која јапонските компании никогаш не би можеле да успеат на извозниот пазар.

Неодамнешната студија на професорката по економија на Универзитетот Харвард, Мирт Калупциди, покажува дека кинеските субвенции за бродоградилиштата меѓу 2006 и 2012 година се една од главните причини за промената во глобалната бродоградба, со Јапонија како најголем губитник.

Други истражувања откриваат повеќе случаи кога интервенциите им помогнале на индустриите да обезбедат пазарна основа.

Сепак, потребна е голема претпазливост бидејќи интервенциите често ги зголемуваат трошоците и со тоа на крајот им штетат на потрошувачите. Бидејќи аутпутот на една индустрија често е влез на друга, помагањето на производителите може да предизвика проблеми низ синџирот на снабдување.

Прегледувајќи ги напорите за зајакнување на челичната индустрија во 21 земја, професорот по општествени науки на Одделот за економија на Универзитетот во Орегон, Брус Блониген, откри дека таквите интервенции нагло ја намалуваат извозната конкурентност на рафинериите, трговијата и дистрибуцијата во бизнисот со нафта и гас.

Студијата за инвестициските фондови на Европската унија за посиромашните региони покажа дека тие ги зголемуваат инвестициите и приходите, но само таму каде што има силни институции и образовани работници.

Оттаму, недоволно приспособена и софистицирана протекционистичка политика може да ја влоши ситуацијата за сите учесници, што може да се покаже како особено нагласен проблем кај произведството софистицирани стоки преку прекугранични синџири на снабдување. Ако нема координираност меѓу пријателските земји, тие би можеле да завршат со финансирање на дупликат-фабрики или индустрии без пристап до увезените компоненти што се неопходни за конкурентност на пазарот, пишува „Економист“.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *