Полска ќе го тестира квалитетот на украинското жито што го добива поради протестите на земјоделците

Новиот полски министер за земјоделство, Роберт Телус вети дека ќе воведе детални контроли на квалитетот на житарките што пристигнуваат во земјата од Украина на пат кон Африка.

Овој потег уследи по протестите на полските земјоделци кои тврдат дека ги губат приходите бидејќи на пазарот се појави евтино украинско жито.

Телус се соочи со остри критики од членовите на полскиот парламент кои тврдат дека трговските компании поврзани со владата остваруваат огромни профити од продажба на евтини, непроверени украински производи во Полска, наместо да го олеснат нивниот трансфер во Африка.

Претходниот министер за земјоделство Хенрик Ковалчик поднесе оставка минатата недела неколку часа откако украинскиот претседател Володимир Зеленски ја посети Полска.

Полскиот и украинскиот лидер за време на посетата најавија дека нашле брзо решение за проблемот со житото без да дадат дополнителни детали.

Бидејќи руската инвазија на Уркаина ги блокираше претходно користените патишта за извоз на жито, Европската унија ги укина тарифите за житото од Киев за да го помогне нејзиниот транзит во Африка и Блискиот Исток.

Меѓутоа, наместо житото да се извезува во странство, ги преплави пазарите во Полска, Романија и други земји од ЕУ.

Полските земјоделци денеска организираа протести на граничните премини со Украина, но полицијата ги спречи да ги блокираат пругите.

Синдикатот на земјоделците „Солидарност“ најави дека во Африка требало да пристигнат околу три милиони тони жито, но дека го презеле трговците на границата со Полска.

Обвинителите во регионот на источна Полска, кој се граничи со Украина, ги истражуваат наводите дека десетици тони украинско жито во транзит биле продадени на полски фабрики за храна.

Полскиот заменик – министер за земјоделство, Јануш Ковалски пред неколку дена изјави дека е суспендиран увозот на украинско жито во земјата и ќе има дозвола само за транзит низ Полска „најмалку до јули“.

Украинско-полскиот договор за жито е првиот чекор во решавањето на земјоделската криза во Полска поради големиот прилив на евтино украинско жито во Полска, рече Ковалски.

– Сите производи мора да поминат низ Полска, но не смеат да им наштетат на полските земјоделци и производители и на тој начин да предизвикаат криза со храна, рече тој. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *