Тензии во албанскиот Парламент по барањето на опозицијата за расправа за вмешаноста на Рама во случајот „Мекгонигал“

Неприсуството на премиерот Еди Рама на седницата на албанскиот Парламент на која приврзаниците на Сали Бериша побараа измени во дневниот ред и расправа за неговата вмешаност во аферата „Мекгонигал“, предизвикаа тензии со блокирање на собраниската говорница и тешки меѓусебни обвинувања.

Барањето го изнесе пратеникот Луачиано Бочи, кој рече дека од интерес на цела Албанија е денеска да има расправа по ова прашање.

-Американската правда ги стави под истрага Еди Рама и неговите соработници во обидот да финансираат со готовина погубување на опозицијата во земјата. Да не заборавиме дека премиерот не е сам и случајно со своите соработници. Главна рака што денеска удира во опозицијата е самиот премиер, тој ја корумпираше економијата, парламентот, се во Албанија, само да се елиминира опозицијата. Овој човек денеска го нема, се крие. Ќе ја разоткриеме вистината, а правдата треба веднаш да постапи. Зошто доцни албанската правда? Се соочуваме со криминални дела, а не заем од 225 илјади долари, што е најсмешната изјава на премиерот. Бараме расправата да почне веднаш со присуство на премиерот. Во оваа дебата денеска е интересот на цела Албанија, рече Бочи, јави АБЦ њуз.

Тој исто така обвини дека без никаква причина Советот за етика при законодавниот дом, од неговата работа ги исклучил Бериша и уште петмина пратеници, негови приврзаници, во период од десет дена.

Координаторот на пратеничката група на Социјалистичката партија, Таулант Бала, во аргументите против, рече дека она што може да се види во парламентот нема врска со прашањето на Мекгонигал, туку е обид да се оттргне вниманието од почетокот на истрагите за случајот „Грдец“.

-Имаме барање за промена на дневниот ред. Тоа мора да се направи спротивно на деловникот. Како што објаснивме, ваквите барања не поминуваат на седница. Тие се претставуваат на средба на координаторите. Причината за ваквото појавување на собранието нема врска со истрагата во САД, во истрагата нема албански функционер, туку пред една недела, синот на Сали Бериша беше пред Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК. Истрагата за Грдец и 21 јануари се фундаментални прашања. Секој обид да се сврти вниманието е залуден напор, рече Бала.

Барањето беше отфрлено со 39 „за“ и 66 „против“, а собраниската говорница и понатаму останува запоседната од приврзанците на Бериша. Претседателката на парламентот Линдита Никола од седницата го отстрани Газменд Барди, по што демократите продолжија со опсадата на говорницата и со постојано тропање на столчињата.

Инаку, обвиненијата против поранешниот висок агент на Федералното биро за истраги (ФБИ) Чарлс Мекгонигал, покрај врските со руски олигарси, укажуваат дека тој имал сомнителни деловни врски со политичари од Албанија и Босна и Херцеговина.

Во одделен случај поднесен во Вашингтон, обвинителите навеле дека најмалку од август 2017 година, Мекгонигал не му ја открил на ФБИ неговата врска со поранешен службеник на албанската разузнавачка агенција – опишан во обвинението како „Лице А“. Исто така, според обвинението, тој не откри дека „имал контакти“ со албанскиот премиер Еди Рама.

Од своја страна Рама изјави дека наводите против поранешниот функционер на ФБИ немаат никаква врска со него.

„Офицер на ФБИ е обвинет во Америка за работи кои немаат врска со мене … а во Албанија процесот против мене почнува на начин на политика, медиумски канали и портали на „Големиот брат“! Навикнат сум на тоа, но неодамна решив да престанам да го вадам секој камен што се фрла во реката секојдневно“, изјави Рама.

Кон крајот на 2017 година, според властите, Мекгонигал зел вкупно 225.000 долари од „лицето А“, првиот пат во автомобил паркиран пред ресторан во Њујорк, а следните двапати во домот на лицето во Њу Џерси. Според обвинението, Мекгонигал „му кажал на „Лицето А“ дека парите ќе бидат вратени.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *