Турски геолози: Истанбул наскоро би можел да биде погоден од земјотрес со јачина од 7 степени или посилен

Турската метропола Истанбул треба да почне да се подготвува за силен земјотрес и да ги мобилизира сите расположливи ресурси за да спаси животи и да ги намали економските последици, сметаат геолозите.

Научниците со кои разговараше „Ал Џезира“ велат дека е многу веројатен силен земјотрес во најголемиот турски град, во време кога земјата жали за смртта на десетици илјади луѓе во југоисточниот дел на земјата.

Повеќе од 31.000 луѓе загинаа, а околу 80.000 се повредени во земјотресите со јачина од 7,8 и 7,6 степени што се случија минатиот понеделник со епицентар кај Кахраманмарас. 10 турски провинции беа погодени. Илјадници загинаа и во соседна Сирија. Овие бројки не се конечни, бидејќи многумина се’ уште се заглавени под урнатини.

Страшната несреќа ги покрена прашањата за подготвеноста за земјотреси во Истанбул – град кој е главен град на бизнисот и туризмот и е дом на 16 милиони луѓе. Научниците веруваат дека на метрополата и се заканува неизбежен силен земјотрес – можеби повеќекратен.

Сукру Ерсон, професор по геологија на Техничкиот универзитет Јилдиз, вели дека историските податоци од минатите земјотреси укажуваат дека нов е близу до раседот под Мраморното Море.

„Знаеме колку се движи раседната линија во Северна Анадолија секоја година, движењето на линијата ќе доведе до тензии на линијата што ќе предизвика земјотрес“, изјави тој за Ал Џезира, додавајќи дека е невозможно да се знае точно кога ќе има земјотрес.

Хусеин Алан, претседател на Комората на геолошки инженери, се согласува: „Земјотрес со јачина од 7 степени или поголем треба да го погоди Истанбул наскоро, судејќи според податоците што ги имаме“.

„Раседот под Мраморното Море има капацитет да произведе два земјотреси со јачина од 7 степени за една година. Тоа го видовме во земјотресите во 1999 година, како и во други што го погодија регионот во минатото“, додаде тој.

Земјотрес со јачина од 7,6 степени според Рихтеровата скала го погоди западниот дел на турскиот регион на Мраморното Море во август 1999 година и уби околу 7.500 луѓе. Вториот земјотрес го погоди блиското Дузче во ноември истата година и уби 845 луѓе.

Турција се наоѓа во регион со неколку тектонски плочи, а земјотресите се случуваат по линиите на контакт со плочите. Раседната линија на Северна Анадолија ги дели евроазиските и анадолските плочи и минува низ Мраморното Море, јужно од Истанбул.

Според официјалните податоци, Истанбул сочинува 30,4 отсто од бруто домашниот производ на Турција во 2021 година, што го прави центар на економската активност на земјата. Во метрополата се наоѓаат и најважните државни постројки, а нивната штета тешко би го погодила турскиот индустриски сектор во случај на силен земјотрес.

Ерсој смета дека посилната сеизмичка активност, која може да влијае на Истанбул и остатокот од земјата, треба да биде на врвот на приоритетите на владата на Ердоган.

„Подготовката за земјотрес треба да биде најважниот проект и за Истанбул и за Турција. Треба веднаш да почнеме, брзо да почнеме и да ги мобилизираме сите ресурси за да бидеме подготвени за земјотрес во Истанбул“, посочува тој.

Од друга страна, Алан вели дека Истанбул треба да направи детален план за акција во случај на земјотрес, а клучната инфраструктура да се зајакне како дел од подготовката на владините канцеларии, болниците, воените бази и пожарникарите за да бидат сите подготвени во случај на итност.

„За време на земјотресот во југоисточна Турција, многу владини згради се урнаа, вклучително и болници и единици за итни случаи“, рече Алан, додавајќи дека поради тоа тие упоришта не можеле да реагираат правилно.

„Видовме што се случува кога воздушната, патната и железничката инфраструктура е оштетена од земјотреси. Тогаш помошта не може да дојде доволно брзо“.

Градежните прописи во земјата беа обновени по земјотресот во 1999 година и беа подобрени прописите за сеизмички градби во Турција. Дополнително, турските власти започнаа проект за трансформација на градот за замена на старите згради со нови.

Но, за време на минатонеделните земјотреси, некои новоизградени згради се урнаа, што доведе до критики дека прописите не се спроведуваат правилно. Ерсој смета дека корупцијата е многу присутна во градежниот сектор во Турција и дека „затоа има злоупотреби во некои градежни инспекции“.

Истанбул рапидно растеше во последните децении.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ

Leave a Reply

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *