Неделава стартува исплатата на повратот на ДДВ.
– Имено, веднаш по назначувањето на нов директор во УЈП е формирана Комисија за унапредување на процесите за ДДВ. Од причина што УЈП нема воспоставено централизирано управување со повратот на ДДВ кое ќе обезбеди конзистентност на анализите и пристапите на регионалните дирекции, исто така не користи систем за автоматско вкрстување на податоци за цели на анализа на ризици, а воедно во дел од регионалните дирекции не се пополнети работните позиции чија одговорност е одобрување на повратот на ДДВ, меѓу другите свои задачи, оваа Комисија направи детална анализа и издвои барања за поврат кои претходно биле одобрени, а за кои Комисијата процени дека има одреден степен на ризик и треба да се изврши инспекциска контрола кај даночните обврзници. За останатите износи, кои претходно биле одобрени и доставени за реализација, од следната седмица ќе се врши исплатата на повратот, наведуваат од УЈП.
Додаваат дека враќањето на вишокот на влезниот ДДВ е легитимно право на даночните обврзници, но ДДВ повратот е подложен на злоупотреби и измами, какви што се случуваа во изминатиот период.
– Со формирање на Комисијата започнуваме со редизајнирање на внатрешниот процес за управување со ДДВ во УЈП, почнувајќи од првиот чекор – регистрацијата за цели на ДДВ, со цел процесот да биде ефективен и во однос на заштита на буџетските приходи од злоупотреби и во однос на сигурноста на даночните обврзници кои точно пријавуваат и ги побаруваат средствата од вишокот влезен ДДВ. Паралелно преку Комисијата и надлежните единици во структурата во Генералната дирекција веќе отпочнуваме со централизиран мониторинг и координација на повратот на ДДВ, за да може од прв ден да обезбедиме унифицираност и конзистентност во оперативното постапување во регионалните дирекции, велат од УЈП.