Потпишан финалниот договор тежок две милијарди евра за изградба на пристаништето во Драч

Најголемото албанско пристаниште Драч е подготвено да го започне процесот на изградба откако попладнево Владата и компанијата „Игл Реал Естејт Девелопмент“ го потпишаа конечниот договор со кој се завршени сите законски процедури, јави Топ чанел.

Вицепремиерката и министерка за инфраструктура Белинда Балуку рече дека ова е најголемиот проект во албанската економија со инвестиција од 2 милијарди евра.

– Ги завршивме долгите законски процедури, почнувајќи од одобрување на законот во парламентот, а потоа и указот од претседателот. Во овој проект за првпат државата е коакционер во износ од 35 отсто. Државата ќе ги има истите права во однос на приходите и профитот. Државата има одговорност да ги заштити стратешките добра како што се столбовите, басенот и каналот на пристаништето. Тие остануваат сопственост на државата, како и 45 отсто од сегашниот пристанишен простор, рече Балуку.

За инвеститорот Мохамед Алабар од Дубаи преговарачкиот процес бил болен, но, рече дека резултатот ќе биде фантастичен.

Заедно со премиерот Еди Рама ги истакна квалитетните работни места што ќе ги обезбеди проектот.

– Зад овој проект, кој без страв можам да кажам дека е најнапредниот во светот, дури и од оние во Дубаи, стои тим од млади Албанци, кои утре ќе го извезуваат своето знаење низ светот и верувајте ми, заминувањето во странство нема да биде привлечно за нив, рече Алабар.

Според Рама морнарицата на Драч ќе влезе како конкурент на глобалниот пазар.

– Ќе создаде квалитетни вработувања и многу добро платени работни профили за многумина кои веќе нема да имаат причина за оние кои сакаат да работат, да ја гледаат иднината во странство. Проектот ќе врати многу поединци не само од Драч, туку и од други места за работа во Албанија, најави Рама.

Во меѓувреме, паралелно со почетокот на работите во пристаништето во Драч, на 1 февруари ќе се одржи презентација на инженерската студија за комерцијалното пристаниште во Порто Романо.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ