Десетици ученички во Иран примени во болница поради труење

Десетици ученички се примени во болница поради мистериозно труење, во последниот од серијата сомнителни напади во Иран, објавија денеска иранските медиуми.

Во текот на последните три месеци, стотици ученички пријавиле респираторни проблеми, главно во градот Ком јужно од Техеран, пишува „Гардијан“.

Претставник на иранската Влада потврди дека се сомнева дека станува збор за намерни напади и обиди да се наметне затворање на училиштата за девојки.

Во извештајот на новинската агенција Тасим, се наведува дека досега во болница се префрлени 35 ученички, што заедно со случаите пријавени во најмалку два града се надоврзува на стотици случаи на труење од ноември минатата година.

„Голем број ученички беа отруени во училиштето за девојки „Кајам“ во Пардис, провинцијата Техеран“, објави новинската агенција Тасним.

Ученичките од женското училиште во Боруџерд во неделата беа итно пренесени во болница по сличен инцидент, четврти во западниот ирански град во изминатата недела.

Иранскиот Парламент одржа седница на која се разговараше за сомнителните напади во присуство на иранскиот министер за здравство Бахрам Ејнолахи, јави официјалната новинска агенција ИРНА.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ