Грчки медиуми: Свртничарот од Лариса призна вина – го испратил возот по погрешна пруга

Тој се соочува со тешки кривични дела, односно му се заканува кривична постапка за нарушување на безбедноста во сообраќајот со последица смрт на повеќе лица. За ова дело, наведува телевизијата ЕРТ, според последните измени на грчкиот Кривичен законик е предвидена казна од 10 години до доживотен затвор. Можни се обвиненија и за повеќекратно убиство од небрежност

Свртничарот вработен во железничката страница во Лариса ја признал вината за фаталната несреќа што се случи во Грција синоќа, јавуваат дел од грчките медиуми.

Грчката телевизија Скај јавува дека свртничарот веќе е уапсен и дека пред истражните органи признал оти еден од возовите упатил на погрешна пруга по која од спротивната насока се движел другиот воз.

Во исказот даден во рамки на предистрагата тој навел дека ја сфатил грешката веднаш штом слушнал за несреќата.

Истата информација ја пренесува и државната телевизија ЕРТ повикувајќи се на полициски извори. Наводно, грешката е направена при упатувањето на патничкиот воз во погрешна пруга.

„Секако, се очекува изјави да дадат и други вработени. Истрагата не е затворена со апсењето, списите на случајот не се целосно оформени. Ги чекаме изјавите и од другите вработени, но и од сведочењата на патниците“, вели полицискиот извор на кој се повикува ЕРТ.

Премиерот Кирјакос Мицотакис по враќањето од местото на несреќата во обраќање до јавноста вечерва најави дека ќе формира независен експертски комитет кој ќе ги испитува причините за железничката несреќа. Покрај Караманлис, соопшти Мицотакис, оставки поднеле и одговорните во Грчката организација на железници.

Тој го поздрави повлекувањето и рече дека она што засега се укажува за трагедијата е оти таа настанала поради човечка грешка.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ