Израелските војници насилно го прекинаа протестот за солидарност со палестинска населба

Израелските војници употребија шок-бомби и сила за да ги спречат демонстрациите за солидарност на стотици израелски левичарски активисти со палестинска населба во која еврејските доселеници го запалија палестинскиот имот и насилно протестираа претходно оваа недела.

Левичарските активисти рекоа дека двајца демонстранти биле соборени и накратко приведени.

Автобуси со активисти за човекови права беа запрени од војниците и граничната полиција и беа спречени да влезат во окупираниот град Хувара на Западниот Брег, со население од 5.500 луѓе, во кој сè уште се гледаат последиците од нападот во неделата од страна на еврејските доселеници.

Стотици еврејски доселеници, некои вооружени со ножеви и пиштоли, дивееја во Хувара во неделата, запалија десетици куќи, продавници и возила како одмазда за убиството на двајца Израелци во палестински вооружен напад. За време на немирите загина еден Палестинец.

Израелската војска соопшти дека е изненадена од жестокоста и обемот на насилството од страна на еврејските доселеници. Израелското Министерство за одбрана ги испрати двајцата осомничени водачи во административен притвор.

Палестинските возачи денеска свиреа во знак на поддршка на демонстрантите кои извикуваа „Не за окупацијата!“ и „Крај на еврејскиот терор!“.

Европски дипломати изутрината ја посетија Хувара, кој долго време е сцена на конфликти меѓу два народа.

Насилството на еврејските доселеници беше осудено во странство, а особено изјавата на министерот за финансии на Израел и водачот на еврејските доселеници Безалел Смотрич дека Хувара „треба да биде уништена“. Смотрич, чија екстремно десничарска партија Верски ционизам сака Израел да анектира големи делови од Западниот Брег, подоцна ја повлече таа изјава.

Египетското Министерство за надворешни работи денеска ги нарече зборовите на Смотрич „опасно и неприфатливо поттикнување насилство“. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ