Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР) објави дека е „длабоко загрижен“ поради нацрт-законот за азил што го претстави владата на Велика Британија.
Во соопштението на УНХЦР се посочува дека законот, во неговата сегашна форма, „го принудува британскиот министер за внатрешни работи да одбие пристап до системот за азил на Велика Британија на оние кои нерегуларно ќе влезат во државата“, пишува лондонски Гардијан.
Агенцијата на ОН во соопштение предупреди дека барателите на азил ќе бидат приведени во Британија додека се прават аранжмани за нивно префрлање во друга земја.
„Ефектот на нацрт-законот (во таа форма) би бил да им се ускрати заштита на многу баратели на азил на кои им е потребна безбедност и заштита, па дури и да им се оневозможи можноста да го презентираат својот случај. Тоа ќе ја прекрши Конвенцијата за бегалци и ќе ја поткопа долгогодишната хуманитарна традиција со која британскиот народ со право се гордее“, се вели во соопштението на УНХЦР.
Повеќето луѓе кои бегаат од војна и прогон едноставно не можат да добијат пасоши и визи, а не им се достапни безбедни и „легални“ патишта, според УНХЦР. (МИА)