Францускиот Парламент ќе се изјасни за контроверзниот план за пензиски реформи

Оспоруваниот план за реформа на пензискиот систем на Франција е во последна законодавна фаза, при што денеска за него ќе се гласа во обата дома на Парламентот. Гласањето следува по масовните протести во земјата против пензиските реформи.

Комсија составена од членови на двата дома,  Сенатот и Националното собрание, вчера ги разработи деталите за да се постигне компромисен предлог.

Клучната точка на реформата е да се зголеми старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Дополнително, треба да се зголеми бројот на години потребни за уплата во пензискиот систем, а минималната пензија да се зголеми на 1.200 евра.

Реформата се смета за клучен проект на претседателот Емануел Макрон и неговата влада од десниот центар, што се оправдува со заканата од дефицит во пензискиот фонд.

Предложената реформа наиде на критики кај синдикатите, но и кај дел од опозицијата.

Локалните медиуми пишуваат дека се очекува Сенатот да го прифати предлогот. Кога е во прашање Националното собрание мнозинството не е целосно сигурно, а владата смета на гласовите на конзервативните републиканци во парламентот, кои се поделени.

Вчера илјадници луѓе излегоа на улиците на француските градови на нови протести против реформите.

На улиците беа и вработените во транспортот и другите индустрии кои повторно штрајкуваат, иако во помал број од претходно. (МИА)

ОСТАНАТИ ВЕСТИ