Француската царина заплени 12 тони шверцуван тутун, односно 600.000 кутии цигари во вредност од шест милиони евра, во камион кој пристигнал од Белгија, соопштија денеска локалните власти.
Шверцот со тутун стана индустријализиран во последниве години, со зголемено количество цигари што се произведуваат во Европа, особено во Полска и од неодамна во Белгија, за европскиот пазар.
Камионот, регистриран во Романија, бил пресретнат во вторникот при рутинска контрола на автопат кон Париз, соопшти обвинителството.
Возачот од молдавска националност е приведен.
– Начинот на кој бил организиран превозот сугерира дека возачот знаел дека се занимава со превоз на нелегална стока, додаваат од обвинителството.
Во камионот биле пронајдени 30 палети кутии цигари Марлборо и Винстон, кои биле подготвени за продажба.
Француската Влада оваа недела објави дека сака да ги зголеми кривичните казни против шверцерите на тутун. Лани биле запленети 645 тони тутун.