ПЛАНЕТАТА ВРИЕ, ОВА ЌЕ БИДЕ НАЈТОПЛИОТ ЈУЛИ ВО ПОСЛЕДНИВЕ 120.000 ГОДИНИ! Научниците предупредуваат дека најлошoто допрва доаѓа

Ние сме на непозната територија и ова е загрижувачка вест за планетата – вели професор Кристофер Хјуит, директор за климатски промени во Светската метеоролошка организација.

Планетата ја доживеа најжешката недела досега, a метеоролозите велат дека „најтешкото допрва доаѓа“, пишува британскиот весник Гардијан, анализирајќи го топлотниот бран што ја зафати Европа и делови од други континенти.

Според весникот, најтоплата недела била помеѓу 3 и 10 јули, а постојат големи шанси до крајот на јули да бидеме сведоци на најтоплите глобални температури во последните 120.000 години!

Високите нивоа на јаглерод диоксид во атмосферата и невообичаениот синџир на силни ветрови што дуваат над Атлантикот веќе предизвикаа топлотни бранови над Тексас, САД, Грција, Шпанија, Италија и во многу други држави.

Воведен е црвен аларм во многу земји во Европа. Пожари беснеат во Хрватска, на јадранскиот брег, како и на шпанската Навара, а туристички места како Акропол се затворени бидејќи температурите се искачуваат и над 40 Целзиусови степени.

– Планетата Земја не доживеала ништо слично од почетокот на мерењето на температурата на воздухот со инструменти во 1850 година. Ние сме на непозната територија и ова е загрижувачка вест за планетата – вели професор Кристофер Хјуит, директор за климатски промени во Светската метеоролошка организација.

Овој став беше поддржан и од Карстен Хостеин, истражувач за атмосферско зрачење на Универзитетот во Лајпциг.

– Шансите се дека јули ќе биде најтоплиот месец на сите времиња, односно од меѓуглацијалниот период кој го добил името од реката Ем во Холандија (с.с. Емијан), односно пред околу 120.000 години – тврди истражувачот.

Една од главните причини за сегашните рекордни температури е феноменот „Ел Нињо“ во Тихиот Океан, кој почнува да се чувствува ширум светот, пишува Гардијан.

– Типично, „Ел Нињо“ привремено додава по околу 0,2 степени Целзиусови на глобалната просечна температура – вели Џеф Најт, директор за испитување на климатските промени.

Многу научници предупредуваат дека оваа или следната година глобалната температура може да ја надмине границата од 1,5 Целзиусови степени, поставена од научниците како горна граница за зголемување на глобалното затоплување. Доколку се надмине оваа граница, тоа би можело да донесе неповратни промени во глобалните временски услови.

Последиците од новиот силен топлотен бран ќе бидат многу длабоки и опасни, додаваат научниците. Се проценува дека повеќе од 61.000 луѓе починале како последица на високите температури што ја погодија Европа минатото лето.

Со оглед на веројатноста дека овој рекорд ќе биде соборен оваа година – или најдоцна следната година – многу е веројатно дека лошата бројка на загинати во 2022 година ќе биде надмината многу брзо, при што медитеранските земји како Грција, Шпанија и Италија ќе го претрпат најсилниот удар, пишува Гардијан.

Според генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, „климатските промени се надвор од контрола“. Генералниот секретар на ОН предупреди дека, ако планетата и натаму ги одложува клучните мерки потребни за ограничување на емисиите на фосилни горива, таа ќе се движи кон „катастрофална ситуација“.

Многу научници потсетуваат дека повеќе од 30 години предупредувале дека континуираното согорување на фосилни горива ќе предизвика топлотни бранови какви што доживуваме сега.

– Воопшто не треба да бидеме изненадени од високите глобални температури. Сето ова е силно потсетување на она што го знаеме долго време, и ќе гледаме уште повеќе вакви екстреми додека не престанеме да емитувама огромни количини стакленички гасови во атмосферата – изјави за Би-би-си професор Ричард Бетс, климатолог од Универзитетот во Ексетер.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ