Досега 24.830 граѓани дале потписи за поддршка на претседателските кандидати

Според најновите објавени податоци на Државната изборна комисија (ДИК) заклучно со вчерашниот ден вкупно 24.830 граѓани дале потпис за подносителите на кандидатура за претседател на државата. Според објавените податоци на ДИК, досега никој од кандидатите за шеф на државата ги нема собрано потребните 10 илјади потписи од граѓаните.

Според пресекот на ДИК, најмногу потписи има Бујар Османи, кандидат на Демократската унија за интеграција (ДУИ) за кого се потпишале 8.560. Втор на листата е лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија, Максим Димитриевски со 5.923 собрани потписи. Кандидатката поддржана од партијата Левица, Билјана Ванковска-Цветковска има собрано 4.478 потписи, а кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски има 3.091 потписи.

Сите останати на листата од 11 кандидати за шеф на државата имаат по помалку потписи – кандидатот на опозицискиот блок „Вреди“, Арбен Тарвари има 1.645 потписи, Вело Марковски 433 потписи, Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачки демократски сојуз има 523, Ѓорѓи Манасков – 93, Зорица Цветковска – 74, Господин Попоски има 10 потписи. Според податоците од ДИК, во овие три дена, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.

Постапката за собирање потписи, која почна на 23 февруари ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори.

Според објавените досегашни  податоци од ДИК, до дипломатско – конзуларните претставништва (ДКП) пристигнале вкупно 148 пријави од државјаните на Република Северна Македонија кои се на привремена работа или престој во странство за гласање за претседателските избори закажани за 24 парил и за парламентарните избори на 8 мај.

Нашите државјани ќе можат да се пријавуваат за гласање до 18 март електронски или во ДКП-та на нашата држава во земјите каде живеат.

Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ