Лекарите предупредуваат на можноста од појава на нови опасни предизвици на социјалната мрежа ТикТок во земјава.
Поранешниот директор на Клиниката за токсикологија, Нико Беќаровски, алармира на т.н „парацетамол предизвик“, актуелен во Швајцарија, во кој младите се натпреваруваат кој повеќе апчиња од овој лек ќе испие.
„Труењата со парацетамол се меѓу најсмртоносните труења со лекови. Дури и мали дози од 10 до 15 таблети предизвикуваат оштетувања на црниот дроб. 20 до 40 таблети предизвикуваат сериозни труења и оштетувања на црниот дроб, а труењата со над 50 таблети многу често завршуваат со смрт, дури и при интензивно лекување. Секоја година 30-50% од акутните трансплантации на црниот дроб во САД и Европа се прават поради труења со овој лек! Затоа контролирајте ги вашите деца, пред да ни се случи нова трагедија“, пишува Беќаровски на социјалните мрежи.
Надлежниот министер вели дека засега нема информации за хоспитализирани деца поради труење со парацетамол.
„Засега немам информација од Клиниката за токсиклогија за млади луѓе кои користат ТикТок учествувале во тој `парацетамол предизвик` се примени на клиниката“, изјави министерот за здравство Арбен Таравари.
Овој предизвик повторно ја актуелизира опасноста што младите луѓе ја носат социјалните мрежи ако не се користат правилно. Денеска, министерот за дигитална трансформација беше прашан токму за оваа ситуација – заканата од овој нов „парацетамол-предизвик“ и што мисли државата да преземе во однос на ТикТик, апликација која премиерот Еди Рама најавуваше дека ќе ја забрани во Албанија.
„Премиерот Рама за тоа размислуваше и пред еден месец, ама гледам дека се повлече. Такви ад-хок решенија повеќе прави штета, отколу на напредок. Ние имаме поинакво пристап, го видовте тоа со онлајн игрите на среќа. Кога ќе забележиме дека тоа станува проблем за поширок круг на луѓе, ние преземаме законски решенија и го забрануваме пристапот до онлајн игри на среќа кои се нелегални. Истиот пристап ќе го имаме и кон овие апликации – кога ќе забележиме дека од инцидент станува редовна практика тогаш ќе пристапиме кон забрана“, изјави министер за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
Владините претставници сметаат дека и покрај напорите за ограничување до пристапот на младите до одредени апликации, сепак најдобар начин е едукацијата дома „за важноста на безбедното користење на интернетот, социјалните медиуми и модерните алатки“.
„Ова не е обврска ниту на училиштата, ниту на нас како министерство, туку е еден вид домашна задача за секој родител. Од секој родител ќе зависи како неговото дете ќе се однесува – домашно воспитување, добри навики… Ние апелираме на свеста кај родителите кои ние им ги нудиме како ресурс“, рече Андоновски.
Минатиот декември имаше неколку инциденти во кои малолетници беа повредени поради учество во некои предизвици на ТикТок како т.н супермен во кој група деца фрлаат во височина нивен соученик, кој прави Супермен поза со рацете, за на крај да се дочека на нозе.
Десетина деца завршија со повреди, некои и посериозни.