АВТОМОБИЛ СЕ ЗАБИ ВО ГРУПА ЛУЃЕ ВО ЦЕНТАРОТ НА МИНХЕН, НАЈМАЛКУ 28 ПОВРЕДЕНИ

Најмалку 28 луѓе, вклучувајќи деца, се повредени откако автомобил се заби во група луѓе во центарот на Минхен. Баварскиот премиер Маркус Зедер го опиша инцидентот како напад.

Полицијата објави дека возачот е фатен на самото место и веќе не претставува опасност. Тој е идентификуван како 24-годишен барател на азил од Авганистан кој од порано ѝ бил познат на полицијата. Неколкумина од повредените се во сериозна состојба. Полицијата потврди и дека пукала кон автомобилот.

Очевидци кажаа за весникот „Билд“ дека во автомобилот „мини купер“ биле двајца мажи и дека еден од нив бил застрелан од полицијата додека бегал. Полицијата досега нема потврдено дека две лица се вклучени во инцидентот.

„Длабоко сме шокирани од инцидентот. Меѓу повредените има и деца“, изјави градоначалникот на Минхен, Дитер Рајтер.

Инцидентот се случи пред почетокот на Минхенската безбедносна конференција, на која ќе учествуваат и американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и украинскиот лидер Володимир Зеленски.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ