Пропуштена туристичка приказна: Кој памети дека филм со Џорџ Клуни се снимаше кај струшко Луково? 

Една од акциските сцени од филмот „Миротворец“ со Џорџ Клуни е снимена на мостот пред селото Луково кај Струга. Поминаа речиси три децении од неговото снимање и прикажување, но речиси никој не се сети да го искористи филмот како туристичка приказна за регионот.

На мостот непосредно пред селото Луково, кај Струга, во 1997 година е снимен дел од светски познатиот филм „Миротворец“, со Џорџ Клуни и Никол Кидман во главните улоги.

Станува збор за една од возбудливите хелихоптерски сцени со експлозии и прелетувања. Но, не сите се сеќаваат дека пред речиси три децении, Струга и регионот беа центар на седмата уметност.

„Овде на овие простори престојуваше главниот актер во филмот Џорџ Клуни, кој можам слободно да кажам дека помина незабележано овде во јавноста иако беше гостин во неколку кафулиња овде во Охрид, меѓутоа не му се даде таква важност како за еден актер од форматот на Џорџ Клуни“, вели филмскиот критичар Ѓоко Симјаноски.

Душан Шутиноски од велосипедскиот клуб „Рупикапра“, вели дека секое поминување низ овој мост, кај него буди чувство како да бил дел од една филмска магија.

„Кулминација на акционата сцена беше кога борбениот камион падна преку мостот долу, а имаа направено макета од ист ваков мост, и тој мост во филмот го срушија. Овде два месеци Џорџ Клуни се дружел од локалното население од Луково и Нерези. Два месеци се снимаше за сцена од десетина минути која е во филмот. Овде практично живееше Џорџ Клуни и цела екипа“, раскажува Шутиноски.

Бошко Мурџески, жител на Луково и локален бизнисмен, вели дека многу од од неговите соселани во тоа време биле ангажирани како статисти во филмот.

„Се сеќавам дека патот не беше прооден од тука, и поминуваше низ Луково. Додека се снимаше филмот не се поминуваше од тука. Од локалното население беа ангажирани како статисти,и многу луѓе работеа во тој период. Овој филм помогна многу за овој крај“, вели Мурџески.

Местото било одбрано за снимање на филмот, поради специфичноста на мостот, кој е опкружен со прекрасна природа.

„Мислам дека условите беа финансиски за тие што го снимаа филмот и атракцијата на мостот,што е еден од повисоките. Во тоа време беше еден од повисоките мостови во Македонија“, вели Шутиновски.

Жалат што сето ова, ниту малку не е искористено за туристичка промоција на регионот иако одовде поминуваат и бројни странски туристи. Шутиноски вели дека може да помогнат многу, затоа што целта на неговото здружение е промоција на еко и алтернативниот туризам во регионот околу Охридското Езеро.

„Туроператорите што носат туристи, не знаат дека овде се случувала сцената. Прво се со неверување, мислат дека е измислена приказна, но потоа со воодушевување им ја раскажуваат приказната на туристите, кои сите добро го познаваат филмот. Јас мислам дека и повеќе од половина од Струга не знае дека овде е снимана сцената од филмот“, вели Шутиноски.

„Навистина крајот ни е преубав за такви приказни, но колку ќе успееме незнам. Ако се направи за овие рурални средини сè би било од корист“, посочува Мурџески.

Но, никогаш не е доцна. Приказните како оваа, можат да му помогнат многу на овој крај.

„Минимално треба да се вложи овде. Доволно е само една табла да се постави на мостот, да се каже дека овде е сниман филмот, една слика од хелихоптерската сцена и мислам дека со тоа ќе привлечеме повеќе туристи“, смета Шутиноски.

„Ние како да не знаеме да ги искористиме локациите каде се снимени одредени филмови, да ги промовираме кај туристичките водичи“, додава Симјаноски.

Симјаноски се сеќава дека филмот предизвикал голем интерес во кино салите, и оти во светски рамки тој заработил повеќе од 100 милиони долари. Дел од сцените во филмот, кој е американски политички ационен трилер се снимени и во Битола.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ