Поднесени двe обвиненија за „Онкологија“: 29 пациенти примиле несоодветна, а 16 примиле непотребна терапија

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе две обвиненија поврзани со случајот „Онкологија“, во кои се инкриминирани шест лица – меѓу нив се медицинскиот и организацискиот директор на Клиниката за онкологија, како и четворица онколози, вклучувајќи и поранешен директор на установата.

Првото обвинение се однесува на економските злоупотреби на клиниката. Според обвинителката Ана Гоговска Јакимовска, медицинскиот и организацискиот директор се товарат за злоупотреба на службената положба, измама и проневера во службата. Наведените кривични дела биле сторени во периодот од 2018 до 2022 година, при што е остварена противправна имотна корист за трето лице во износ над 2,2 милијарди денари.

Според обвинението, медицинскиот директор со помош од организацискиот директор, набавувал лекови кои потоа фиктивно ги раздолжувал – односно лековите не биле давани на пациентите и биле предмет на проневера.

Второто обвинение се однесува на начинот на лекување на пациентите. Четворица онколози, вклучувајќи и поранешен директор, се обвинети за тешки дела против здравјето на луѓето и за несовесно лекување. Обвинителката информираше дека кај 29 пациенти била применета неподобна терапија, со што сериозно им било нарушено здравјето.

Докторите, според обвинението, препишувале нови и скапи лекови дури и кога било јасно дека тие нема да дадат ефект, притоа отстапувајќи од препорачаните дози и протоколи. Со медицинско вештачење било утврдено дека кај 29 пациенти терапијата била несоодветна, 16 лица примиле терапија без потреба, а девет пациенти добиле само дел од пропишаната терапија.

Јавниот обвинител Љупчо Коцевски изјави дека со цел да се обезбеди објективност, биле направени два независни медицински вештачења – едно во Словенија и едно во Србија – кои потврдиле дека во значителен број случаи терапијата не била спроведувана во согласност со стандардните протоколи.

„Обвинителството собра доволно докази кои ги потврдуваат сомнежите за сериозни злоупотреби и проневери на скапа биолошка терапија во Онкологија“, рече Коцевски.

Тој истакна дека, и покрај сериозноста на обвиненијата, на Клиниката за онкологија работат и многу стручни и чесни лекари во кои пациентите можат да имаат доверба. Според него, случајот треба да биде поука за сите здравствени институции, со цел подобрување на протоколите и враќање на довербата во здравствениот систем.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ