Хорор во Америка: Тројца полицајци убиени во пукотница, уште двајца ранети

Тројца полицајци загинаа по пукотницата што се случи вчера во американската држава Пенсилванија.

Уште двајца полицајци се ранети, потврди гувернерот Џош Шапиро за време на итен телефонски разговор.

Според американските медиуми, осомничениот за нападот починал откако се застрелал, додека властите официјално објавија дека заканата е „неутрализирана“, пренесува Би-Би-Си.

Гувернерот на Пенсилванија, Џош Шапиро, потврди дека е на пат кон местото на настанот во општина Норт Кодорус, околу 100 милји источно од Филаделфија.

Од местото на настанот се направени фотографии на кои се гледа како еден од полицајците бил однесен во болница со хеликоптер.

Поради пукањето, во блискиот училишен округ Спринг Гроув накратко беше воведен режим на засолниште, но подоцна беше потврдено дека училиштата не се погодени од инцидентот. Службениците нагласија дека нема закана за јавноста.

Шапиро ја посети болницата за да им оддаде почит на загинатите полицајци.

„Ова е апсолутно трагичен и разорувачки ден за округот Јорк и целата држава Пенсилванија. Важно е да се знае дека овие семејства, кои сега тагуваат, се исклучително горди на своите најблиски кои ја носеа униформата за да нè заштитат“, рече тој и повика на молитви за семејствата на жртвите.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ