Нуркачи во Франција пронајдоа остатоци од авион од 1968 година – многумина мислат дека бил соборен од војската

Француски полициски нуркачи во морето кај Ница пронашле остатоци од француски патнички авион кој се урнал таму пред речиси 60 години, при што загинале 95 лица, објавија денеска француските медиуми.
Правосудните органи истражуваат сомнежи дека авионот случајно бил соборен од француските вооружени сили.
Според јавниот обвинител во Ница, нуркачите на длабочина од 2.300 метри ги пронашле опашката и двата мотора на авионот, за време на потрагата што ја наложило Обвинителството. Надлежните разгледуваат дали истрагата на остатоците ќе се спроведе под вода или деловите од авионот ќе бидат извлечени на површината.
Летот на „Ер Франс“ од Ајачо на Корзика кон Ница се урнал во морето кај тој град на 11 септември 1968 година. Загинале сите патници и членови на екипажот. Со години во Франција постоеле сомнежи дека авионот бил случајно соборен од војската и дека случајот бил прикриван.
Пилотите пријавиле пожар пред падот
Сведоштва на очевидци и документи од морнарички бродови кои учествувале во потрагата во тоа време наводно исчезнале. Јавното обвинителство истражува каде завршиле тие документи и дали имало можно попречување на правдата во овој случај.
Во 2018 година правосудните органи соопштија дека „многу сериозно“ ја земаат предвид хипотезата дека од воена база на Ривиерата случајно бил лансиран проектил. Сепак, декласификацијата на воените документи не донела целосно разјаснување на случајот.
Обвинителите минатата година соопштија дека „неколку сериозни докази, особено сведоштва на очевидци, но и материјални докази, укажуваат дека цивилните или воените власти можеби се обиделе да ја опструираат истрагата за вистинските причини и околности за падот на авионот ‘Каравел’“, објави весникот Либерасион. Пред падот, пилотите пријавиле пожар, што се совпаѓа со сомнежите дека моторот на авионот бил погоден од проектил.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ