Вресоци, турканици, хаос…За неколку секунди новогодишната ноќ во полуларното скијалиште Кран Монтана во Швајцарија се претворила во голема трагедија. Најмалку 40 загинати, над 100 повредени, во пожар во ноќен клуб.
„Сè уште сум во шок. Не можам да сфатам што се случи. Имам чувство дека ова е кошмар и дека ќе се разбудам. Синоќа не заспав ни секунда, не можев — ги затворав очите и сè ми се враќаше, затоа што видов како им укажуваат помош на луѓе. Видов луѓе тешко повредени. Видов луѓе како умираат. Искрено, сето тоа беше многу тешко и навистина тешко за поднесување.“, вели Натан Игиен, учесник во забавата.
Иако се уште се утврдуваат причините за пожарот, дел од француските медуми објавија фотографија на која се гледа како започнал пожарот. Прскалки биле закачени на шишиња шампањ, а кога гостите ги подигнале шишињата, се запалил плафонот на кој имало сунѓер за изолација на звук.Освен за причините за пожарот, истрага се води и дали биле испочитувани сите безбедносни стандарди кои се бараат за работа на еден ноќен клуб.
„Броиме околу четириесет починати лица и приближно 115 повредени, од кои повеќето се тешко повредени. Ве потсетувам дека, за потребите на истрагата, главната улица во Кранс е затворена до понатамошно известување. Во непосредниот период и во деновите што следуваат, приоритет ќе биде идентификацијата на починатите, со цел нивните тела што побрзо да им бидат предадени на семејствата.“, вели полицискиот комесар Фредерик Гислер.
„Конечно, во однос на тесноста на скалиштето, го видов скалиштето и извршив увид на лице место за да се утврди што точно претставува тесно скалиште. Истрагата ќе утврди и дали биле почитувани сите безбедносни стандарди или не.“, рече Беатрис Пилу, државна обвинителка на Кантонот Вале.
Засега нема дополнителни информации за македонскиот државјанин кој се води како исчезнат по пожарот во швајцарскиот зимски центар Кран Монтана. Ваква информација се појави во дел од медиумите, а ја потврди Владата.
„Последните информации кои ги добивме од надлежните институции се дека има една личност со македонско државјанство. Во контакт сме со швајцарските власти и полиција и очекуваме повеќе детали во однос на тоа, по што ќе ја информираме јавноста“, рече Марија Митева.
Стапено е во контакт со официјални претставници на Швајцарија и понудена е помош.
Инаку, сопственици на овој бар се Џесика и нејзиниот сопруг, брачна двојка од Корзика, Франција, кои се сметаат за реномирани угостители во Швајцарија. Барот „Ле Констелeјшен“ го преземале во 2015-та година и од запуштено место, го претвориле во еден од најполуларните ноќни клубови во скијалиштето Кранс Монтана. Според информациите сопственичката била во барот кога се случил пожарот и со изгореници е пренесена во болница.