Европската Унија ја засилува пораката дека интеграцијата на Западен Балкан останува еден од нејзините стратешки приоритети, но дека патот до полноправно членство е строго условен со конкретни резултати. Од Брисел, еврокомесарката за проширување Марта Кос порача дека Унијата останува отворена за сите земји од регионот, но напредокот ќе зависи од спроведување на реформи и јакнење на институциите.
Изјавата беше дадена во пресрет на состанокот на Советот на ЕУ за надворешни работи, каде што проширувањето и состојбата во Западен Балкан се меѓу клучните теми.
Кос оцени дека процесот на проширување повторно добива на тежина во европската агенда, но нагласи дека напредокот не може да биде политички, туку исклучиво резултат на мерливи реформи. Таа ја посочи Црна Гора како најпозитивен пример во регионот, истакнувајќи дека по 17 години е формирана нова работна структура за пристапни преговори. Според неа, постои реална можност земјата да го заврши техничкиот дел од преговорите до крајот на годината или почетокот на следната.
Во рамки на економската поддршка, Еврокомесарката најави нови исплати од Планот за раст за Западен Балкан, при што околу 100 милиони евра се наменети за Албанија и Црна Гора. Планот има цел да ја забрза економската интеграција, да ја приближи регионот до единствениот европски пазар и да ја засили реформската динамика.
Посебно внимание беше посветено на Србија, за која Кос појасни дека нема формална одлука за суспензија на средствата, но дека не се реализирани исплати поради спорни правосудни измени. Таа нагласи дека европскиот пат подразбира напредок во демократските стандарди, додавајќи дека „за Србија има место во ЕУ, но за демократска Србија која се движи напред“.
Во однос на регионалната интеграција, Кос истакна дека веќе се гледаат конкретни резултати, меѓу кои и приклучувањето на земјите од Западен Балкан кон СЕПА системот. Овој чекор овозможува побрзи и поевтини финансиски трансакции и претставува важен сигнал за економско приближување кон Европската Унија.
Најавен е и нов самит ЕУ – Западен Балкан, кој ќе се одржи на 5 јуни во Подгорица, каде што се очекува повторна потврда на европската перспектива на регионот. Пораката од Брисел останува непроменета: вратата е отворена, но членството ќе биде резултат на реални реформи, а не на политички декларации.
Марта Кос: ЕУ е отворена за Западен Балкан, но членството зависи од реални реформи
©2024 Спектра ТВ. Сите права задржани. Made by
Ultrasoft