Блинкен денеска во Анкара ќе разговара со Ердоган

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска во Анкара ќе се сретне со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, откако тој ги посети подрачјата погодени од земјотресот и најави дополнителна американска помош од 100 милиони долари. Тоа е прво патување на американскиот државен секретар во Турција по преземањето на функцијата пред две години.

Конфликтот во Украина ќе биде на дневен ред на разговорите Блинкен-Ердоган.

Блинкен, кој во неделата дојде од Минхен каде што учествуваше на Конференцијата за безбедност, слета во воздухопловната база Инџирлик во југоисточна Турција и сака да ја изрази американската поддршка на таа земја.

„Додаваме 100 милиони долари за да им помогнеме на оние на кои очајно им е потребна помош“, рече Блинкен, кој со хеликоптер ја обиколи провинцијата Хатај, опустошената од земјотресот.

Турските власти во неделата објавија дека ја прекинуваат потрагата по жртви, освен во Кархаманмараш, каде што е епицентарот на земјотресот, и во провинцијата Хатај.

Ден по земјотресот, американските власти испратија неколку тимови за пребарување и спасување во Турција, околу 200 луѓе и ја дадоа првата транша од хуманитарна помош од 85 милиони долари.

Блинкен ја завршува европската турнеја со посета на Грција, каде ќе престојува вечерва и утре.

ОСТАНАТИ ВЕСТИ