Сабота, 14 ноември 2026 сабота, 14 ноември Струга 17°C Струга 17°C Пријави вест
Македонија

До 15 години затвор за корупција – нови строги казни во Кривичниот законик

Објавено: · 2 мин читање
Фото: TV21 - Македонија
Фото: TV21 - Македонија

Затворски казни до 15 години за злоупотреба на службената положба и незаконски постапувања при јавните набавки. Ова се дел од новините предвидени во нацрт-Кривичниот законик, со кој се предлага заострување на казнената политика за корупција и злоупотреба на јавните средства.

Предложените измени повторно го отвораат прашањето за кривичната одговорност на функционерите и службените лица, особено по контроверзните законски измени од 2023 година, со кои беа намалени казните за одредени дела поврзани со злоупотреба на службената положба.

Според новиот член 460, кој треба да го замени досегашниот член 353, за основниот облик на злоупотреба на службената положба се предлага затворска казна од шест месеци до пет години.

Доколку со злоупотребата е стекната поголема имотна корист или е предизвикана поголема материјална штета, казната ќе изнесува од една до осум години затвор. За најтешките случаи, во кои е остварена значителна имотна корист или е причинета значителна штета, се предвидува казна од четири до 15 години.

Значајна новина е и воведувањето посебно кривично дело за злоупотреби при јавните набавки, концесиите и договорите за јавно-приватно партнерство.

Со предложениот член 461, незаконското постапување при ваквите договори ќе се санкционира со затвор од една до пет години, додека за случаи со поголема имотна корист или штета се предвидуваат казни до десет години.

За најтешките облици на злоупотреба при јавните набавки, предложената максимална казна изнесува 15 години затвор.

Со овие решенија треба да се надминат дел од последиците од измените на Кривичниот законик од 2023 година, кога беше избришана посебната одредба што ги опфаќаше злоупотребите во постапките за јавни набавки.

Од Министерството за правда посочуваат дека новите законски решенија се насочени кон поефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата, зајакнување на правната сигурност и усогласување на домашното законодавство со европските стандарди.

Нацрт-Кривичниот законик е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи – ЕНЕР, каде што граѓаните, правните експерти и стручната јавност можат да доставуваат забелешки и предлози.

Заедно со новиот Закон за кривичната постапка, документот е испратен и до Европската комисија на мислење.

Иако предложените казни се значително повисоки за одредени облици на злоупотреба, тие сè уште не се во сила. Предлогот треба да ја помине јавната расправа и понатамошната законодавна постапка пред евентуално да биде усвоен во Собранието.

Објавувањето на двата нацрт-закона на ЕНЕР беше потврдено денеска, 13 ноември 2026 година, а во наредниот период се најавени стручни јавни расправи.

Извор: TV21 – Македонија